Скопјанец лани примал месечна плата од над 85.000 евра

Скопјанец, вработен во секторот здравство, лани примал месечна плата од 85.000 евра, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи. Негов сограѓанин пријавил 242 милиони денари или над 39 милиони евра годишен приход, што е највисок годишен бруто приход во Македонија, рече денеска директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски.

Банкарството и телекомуникациските услуги кои доминираа изминатите години на листата на највисоки плати, оваа година не се помеѓу првите десет.

Со пензионирањето не завршува деловната активност на многу луѓе, рече Трајковски, па така, според податоците на УЈП, пензионер од Скопје пријавил 35,7 милиони денари годишен приход. Највисок приход само по основ на пензија е пријавен во Радовиш и тоа во висина од еден милиони 660 илјади и 692 денари.

Даночен обврзник од Тетово, по основ на издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот, пријави приходи од имот и имотни права во висина од над 46 милиони денари, додека авторски права и права од индустриска сопственост, обврзник од Скопје пријавил над 33,2 милиони денари.

Вкупно 174.181 граѓани поднеле годишна даночна пријава за минатата година, во кои доброволно се пријавени над 82 милијарди денари годишни приходи и над 5,3 милијарди денари персонален данок. Дури 61.144 граѓани имале обврска да поднесат годишна даночна пријава и да пријават над 13 милијарди денари бруто приходи и данок од 779 милиони 231 илјади и 702 денари, но тоа не го сториле и направи прекршок, по што ќе мора да платат глоба од 500 до 1.000 евра.

„Секоја година околу 30.000 граѓани забораваат да поднесат Годишна даночна пријава, а годинава таа бројка е 60.000. Зголемениот број не е резултат на зголемен даночна недисциплина, туку на подобрените методологии, алатки што ги користи УЈП“, рече Трајковски.

За оние кои не поднеле Годишна даночна пријава е предвидена глоба од 500 до 1000 евра во денарска противвредност.

Според остварените бруто приходи во Годишните даночни пријави во 2012 година, со над милион денари се 13.793 граѓани, меѓу 100.000 и милион денари се 165.174, од 10.001 до 100.000 денари се 38.166 даночни обврзници и до 10.000 денари се 17.098 обврзници.