Скопјани прошверцувале над 300 литри енергетски пијалак

Скопјани прошверцувале над 300 литри енергетски пијалак

Скопјани прошверцувале над 300 литри енергетски пијалак. Како што соопштуваат од Царинската управа, во магацинските простории на две правни лица од Скопје, царинските инспектори од Одделението за истраги откриле шверцувани 326 литри енергетски пијалак „Ред Бул“.

Како што соопштуваат од Управата, и во двата случаја, сопствениците на правните лица, во моментот на контрола не приложиле документи како доказ за потеклото на производите и поради основано сомневање дека стоката е шверцувана, привремено е задржана, а против правните и одговорните лица во истите, Царинската управа  поднесе соодветна пријава.

Во првиот случај, при контрола на магацинските простории на правно лице од Скопје на кванташкиот пазар во Скопје, откриени се 1.140 лименки енергетски пијалак „Ред Бул“ без декларации на македонски јазик, со состав на производот напишан на бугарски и романски јазик. На најлонските обвивки на пакетите, соопшти денеска Царинската управа, имало залепени етикети со ознаки BG и RO, што било причина за сомневање дека производите се наменети за тамошните пазари и се шверцувани.

Во вториот случај, се појаснува во соопштението, при контрола на стока која се продава во простории на правно лице од Скопје на ул. Џон Кенеди, во магацинскиот дел и на рафтовите за продажба, откриени се 164 лименки од 250 милилитри енергетски напиток „Ред Бул“ без декларација за составот на производот на македонски јазик. Декларацијата за составот на производот бил на бугарски јазик. На најлонската обвивка на пакетите со енергетски напиток имало залепени етикети со ознака BG.