Хрватскиот ракометар Денис Тот на скопскиот прволигаш РК Бутел, сепак, починал од тепање и удари, пишуваат хрватските медиуми.
Наводите дека младиот хрватски ракометар бил претепан ги потврдија и полицијата и македонското обвинителство.
Полицијата по прегледувањето на видеата уапсила две лица, меѓу кои и 19-годишна девојка. Еден сѐ уште е во бегство, изјавил за RTL главниот скопски обвинител Гаврил Бубевски.
„Моите најнови информации велат дека сè уште се трага по човекот кој го започна сето тоа. Тој прв го удрил ракометарот кој не се ни бранел, а подоцна другите двајца го удирале со нозе во главата“, изјавил Бубевски.
„Мислам дека воопшто немаше намера се да се прикрие. Само сплет на околности. Мислам дека тоа беше лоша лекарска процена и стојам на тоа“, тврди Бубевски.
Според написите во домашните и регионалните медиуми на снимките од „Сејф Сити“, за коишто беше првично речено дека ги нема,се гледало како момче и девојка излегуваат од дискотеката „Привилиџ“ и влегуваат во такси возило, а по нив тргнал и Тот и им се обратил, но на снимките не може да се чуе што им кажал. Момчето и девојката излегуваат од такси возилото. Момчето му удира две шлаканици, по што ракометарот веднаш паѓа на земја, а девојката неколкупати го удира со нога по главата. Младиот ракометар воопшто не се придвижил, ниту, пак, дал отпор. Откако виделе дека е во бесознание, двајцата се обиделе да му помогнат и да го реанимираат, но не успеале, по што избегале од местото на настанот, а такси возилото си заминало уште кога настанала расправијата. Телото на младиот ракометар го видела една од вработените во дискотеката и веднаш повикала Брза помош.
Прво беше објавено дека тој бил претепан пред дискотека и однесен во болница по што директорката на КАРИЛ даде изјава дека немало знаци на насилство. Потоа МВР излезе со официјално соопштение дека немало никаков инцидент пред дискотеката.
По извршената обдукција, Јавното обвинителство соопшти дека истрагата покажала дека ракометарот умрел со пресечен јазик и хематом на главата.
Откако предходно МВР објави дека нема насилство во второто соопштение тврди нешто сосема поинакво: „Тројца напаѓачи му нанеле удари по главата на Денис Тот од кои тој паднал со главата наназад на асфалтот и загубил свест. На 8 април околу 3,30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л. (19) и А.К. (22) сите од Скопје при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“.