Надлежните ќе прават скрининг во основните и средните училишта ширум државава – најави денеска министерот, Венко Филипче. Тој рече дека иако трансмисијата на вирусот во училиштата е мала, скринингот ќе биде важно да се направи бидејќи многу често децата се асимптоматски преносители. Методологијата според која ќе се одвива ваквиот процес, детално ќе биде соопштена следните денови.
„Детали за овој пристап ќе кажеме во следните денови, бидејќи ова бара одредена припрема во однос на согласност на родителите. Во наголем број на училишта ширум државата методологијата што сега ја разработуваме се однесува на тоа колкава бројка од учениците ќе бидат тестирани за да се добие еден репрезентативен примерок. Интензивно ќе работиме деновиве, за да може да ја спроведеме“, најави Филипче.
Тој објасни дека учениците ќе бидат тестирани со брзи антигенски тестови. Одговарајќи на новинарско прашање кој ќе го прави тестирањето и дали во процесот ќе бидат вклучени кадрите од училиштата, тој нагласи дека ќе зборуваат со центрите за јавно здравје, односно со епидемиолозите бидејќи ќе треба да бидат ангажирани повеќе луѓе.
„Тоа е тоа што ќе го разговараме овие денови. Ќе објавиме детали и верувам дека ќе добиеме корисни податоци“, информира ресорниот министер.
Тој денеска соопшти и дека се подготвува анализа во однос на степеност на смртност од ковид-19.
„Ќе се анализира здравствената состојба на пациенттие претходно, затоа што според нашите анализи 73 проценти од пациентите кои починале имале најмалку две хронични болести. Ова бара еден детален скрининг на здравствената состојба на населението кај нас“, рече Филипче.
Тој соопшти дека всушност ќе се анализира здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хронични болести, начинот на лекување, пристапот кон терапијата и јавувањето на контролни прегледи.
„Тоа е важна, но детална анализа. Ние разговаравме со неколку меѓународни институции, УНИЦЕФ беше една од нив во делот на здравствената нега блиску до домовите“, додаде Филипче.
Во делот на типот на лекување прво ние имаме систем во кој сите потешки случаи се упатуваат во Скопје. Секогаш ги најавуваат директорите на болниците, тука се сместуваат, или на Инфективната клиника или во ГОБ „8 Септември“. Нема секој ковид иста клиничка слика, од тоа зависи терпаијата и дозирањето на лекови. Во сите болници ја има соодветната терапија – изјави тој на денешната прес конференција.