Слаб резултат на партиите за независност на изборите во Каталонија

Првпат по 14 години, Каталонија би можела да добие влада која нема да се залага за отцепување од Шпанија, покажуваат резултатите од неделните избори во автономната покраина. Четирите партии за независност освоија вкупно 61 претставник во парламентот со 135 места. За формирање влада потребни се 68 пратеници.

Социјалистичката партија (PSOE) на шпанскиот премиер Педро Санчез освои најмногу гласови, но не доволно за самостојно да формира регионална влада. Имено, социјалистите освоија 42 пратеници, па во наредните седмици ќе се обидат да договорат левичарска коалициска влада. Тоа го пробаа на изборите пред три години и не успеаја.

Социјалистите неодамна донесоа закон за амнестија на национално ниво со кој ги суспендира судските постапки против Каталонците кои го организираа забранетиот референдум за независност во октомври 2017 година.

„Каталонците одлучија да отворат нова страница“, изјави кандидатот на социјалистите Салвадор Ила откако освои најмногу гласови на изборите. Рече дека благодарение на политиката на Санчез кон Каталонија се појавила желбата на нејзините жители да останат во Шпанија. Додаде дека ќе се обиде да формира влада која ќе работи во име на „сите каталонски мажи и жени, без оглед на тоа како мислат“.

Поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон, кој о спреведе забранетиот референдум, најави враќање од егзил во Белгија. Во неделата, тој и неговата централнодесничарска партија Заедно за Каталонија (JxCAT) го освоија второто место, освојувајќи 35 пратеници. Со ова тој се профилираше како главна сила за независност на регионот со 7,5 милиони жители.

„Иако пораснавме на овие избори, тоа не е доволно затоа што паднаа другите партии кои се за независност. Ова е последица на дивергенција и нејасна стратегија (за постигнување независност)“, истакна Пуџдемон.

Каталонија моментално е управувана од Каталонската републиканска левица (ERC), исто така, партија за независност, но претрпе исклучително слаб резултат и падна на третото место со 20 места во парламентот. Тоа е за 13 помалку од претходно.

Токму нејзиниот претседател и актуелен каталонски премиер Пере Арагонес ги распиша овие вонредни избори откако неговиот буџет за оваа година не беше изгласан во регионалниот парламент.

„Доживеавме многу лош резултат“, призна Арагонес, кој беше склон да преговара со Санчез, што не доведе до нов и признат референдум. „Гласачите одлучија дека е потребна нова етапа, која започнува сега“, додаде тој.

Каталонија, еден од најбогатите покраини на Шпанија, е управувана од партиите поборници на независноста од 2010 година. Но по изборите во неделата, мали се шансите JxCAT и ERC, заедно со уште две помали партии, да формираат влада дури и ако постигнат договор по меѓусебните несогласувања, бидејќи ниту една од двете заедно нема мнозинство во парламентот.

„Ова е лоша ситуација за нашата земја“, рече Лаја Естрада, лидерка на малата левичарска партија за независност CUP. „Нашиот парламент сега станува повеќе десничарски и про-шпански ориентиран од кога и да е“, додаде таа откако освои 4 места во парламентот, дури пет помалку од досега.

Шпанските унионистички десничарски партии добија повеќе гласови отколку на последните избори.

Во наредните денови ќе почнат преговорите околу формирањето на владата, а гласањето за новата влада во парламентот во Барселона е закажано за крајот на јуни.