Индексот што го прави Транспаренси е најрелевантен индекс за корупцијата во светот. За Македонија исто како и минатата година индексот е направен врз база на седум истражувања. Ова е најлошата позиција што Македонија некогаш ја имала. Не нарекоа земја со корупција во време на корона. И ова треба веќе да го вклучи црвениот аларм за преземање на радикални мерки, вели професорот по казнено право на Европскиот универзитет Ѓорги Сламков.
Тој во емисијата „Добро утро секое утро” на Алфа телевизија, истакна дека кога од 106-то сега Македонија е на 111-то место во светот за корупција, потребен е радикален чекор.
-Скоро излезе уште еден индекс, тоа е на Херитиџ фондацијата. И таму сме паднати за околу седум, осум места во споредба на минатата година. Таму како основна причина е наведена владеењето на правото. Тие велат вака “ограничена судска независност и политизација на телото за надзор врз работата на судството. На крај завршуваат дека Македонија има сериозен проблем со корупцијата, посочи Сламков.
Според него, Државната комисија за спречување на корупцијата е административно тело, превентивно тело кое креира политики и стратегии. Тоа не е оперативно тело. Комисијата кога ќе добие информации за извршено кривично дело доставува иницијативи до Јавното обвинителство и тука завршува нејзината работа.
-Затоа сметам дека ние треба да пристапиме кон промена на институционалниот модел за борба против корупцијата. Треба да одиме на вториот модел кој што постои во светот, а тоа се агенции за борба против криминалот. Постојат два типа, во рамките на полицијата и во рамките на обвинителството. Како пример ќе го кажам хрватското искуство, со нивната канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал. ЈО треба да има квалитетни истраги, значи обезбедување на целокупен доказен материјал. Судските постапки за корупција да бидат во разумен рок пресудени и што е најбитно на крајот да дојде до издржување на казната и конфискација на имотот. Исто така што приметив е тоа што во Македонија замислете нема институција која што треба да се грижи за трагање, обезбедување и за конфискација на таков имот, рече Сламков.
Но, сето тоа може да се постигне само доколку има силна политичка волја. А луѓето кои работат во институциите треба да имаат интегритет, да бидат отпорни на влијанија. И не смее извршната власт да се меша во судската власт.
-Затоа во извештајот на ГРЕКО има 23 препораки за Македонија во врска со превенција од корупција и интегритет кај највисоките носители на извршната власт и кај носителите во агенциите за спроведување на законот, изјави Сламков.