Професорот Трајко Славевски во емисијата „Што не е јасно“ истакна дека на државата и е потребен итен ребаланс на буџетот во кој ќе се скратат сите неесенцијални трошоци. Со ребалансот средствата треба да се алоцираат пред се за здравствена заштита на граѓаните и поддршка на оние кои што ќе останат без работа и приход.
-Треба итен ребаланс со кој ќе се скратат сите расходи кои што не се есенцијални. Треба да се обезбедат сите потребни средства кои што ќе ги побара здравството за заштита на животите на граѓаните. Значи се што е потребно од заштита на здравствените работници, зголемување на капцитетите, кревети, соби за интензивна нега, целокупната опрема. И поддршка на оние граѓани кои што остануваат без работа барем во наредниве неколку месеци и фирмите, истакнува Славевски.
Тој вели дека во буџетот државата нема доволно пари за оние потреби на стопанството и граѓаните кои ќе треба да се задоволат во наредните неколку месеци.
-Моја проценка е дека месечно почнувајќи од март, не од април, како што велеа од првите луѓе во Владата, некаде околу 1 процент од БДП средства за намените кои што сега се споменуваат, поддршка на бизнисите за ликвидноста, поддршка за бизнисите за плати, стопирање на уплатата на придонеси, одложување на уплатата на ДДВ. Ќе немаме ние 300 милиони, приходите ќе колабираат, ги немаме тие средства, констатира Славевски.
Според Славевски, Македонија средствата може да ги обезбеди единствено преку задолжувања во странство.
-Треба во моментов да обезбедиме средства од странство, ние не сме Америка и Франција. Затоа што Америка може да отпечати колку сака долари, од светската валута која што сите ја саакат и по која сите трчаат во услови на криза, ние го немаме тој луксуз како мала неразвиена економија. Тие средства може да ги обезбедиме од надвор.