Слепата ароганција на цензорите за „проверка на факти“

    Единствениот логичен заклучок за постоењето на проверувачите на факти е дека владата која има намера да носи закони против „дезинформации“ сака да ја ограничи способноста на мејнстрим граѓаните на својата држава слободно да ги изразат своите мислења. А, тоа ќе го направи со етикетирање на таквите мислења како способни да предизвикаат „сериозна штета“ на нацијата. Токму онака како што тоа го правеше претходната македонска влада борејќи се против дезинформациите, дезинформирајќи ја македонската нација.

    Со извршна наредба новиот Претседател на САД јасно го кажа својот став дека проверката на факти од онлајн платформите и радиодифузерите се меша со слободата на говорот. Целта на извршната наредба на Трамп е враќање на уставно загарантираното право на слобода на говор, потврдувајќи дека владината цензура на говорот е неподнослива во слободното општество. Гигантот на социјалните мрежи Мета ја прекина проверката на фактите за „намалување на цензурата“. Цукерберг ќе каже дека Мета е фокусирана на „враќање на слободното изразување“ на своите платформи, кои исто така вклучуваат Instagram, Threads и Whatsapp. Очигледно дека проверката на факти стана софистицирано средство, не само за проверката на факти, туку и на изразени мислења и наративи на социјалните мрежи. Вистинскиот проблем тука не беше проверката на факти, тоа е замолчувањето. Сега се гледа таа слепа ароганција на цензорите за „проверка на факти“, кои замислуваа дека нè штитат од лагите на социјалните мрежи, а напротив ги штитеа лагите од вистината. Сиве години на доверба во нивното проверување на факти на социјалните мрежи не беше ништо друго до пат до цензура. Не е на одмет да потсетам на признанието на „Њујорк тајмс“ дека оригиналното известување било замолчено од проверувачите на факти. Да, интернетот е преполн со лаги, лажни претстави и полувистини. Но, таква е и целата човечка комуникација. Затворањето на дебатата во име на „контра дезинформации“ им служи само на лагите на оние со моќ или престиж. И, секако, на политичарите.

    Институтот за односи со јавноста во Австралија истражувајќи го функционирањето на проверувачите на факти утврдил дека тие покажале политичка пристрасност или преференцијален третман, заклучувајќи дека „цензурата на интернет мора да се напушти поради пристрасност на проверката на факти“. Слободата на говорот треба да им дозволи на луѓето да згрешат, но и да бидат во право. Ставањето верба во проверувачите на факти е пат до цензурата. Само како потврда на ваквото тврдење: истражувањето на ИПА покажа дека 94 проценти од истрагите за проверка на фактите поврзани со пандемијата „Ковид-19“, или 502 од 534 истраги, биле насочени кон критичарите на официјалниот одговор на пандемијата, вклучително и тврдења што ја доведуваа во прашање ефикасноста на маските, и вакцините. Истражувањата на овој институт покажаа дека на организациите на проверувачите на  факти не може да им се верува како арбитри на вистината. Тие се контролирани организации кои ги туркаат сопствените политички агенди. И толку. Тоа беше патот на вистината низ призмата на проверувачите на факти.

    Единствениот логичен заклучок за постоењето на проверувачите на факти е дека владата која има намера да носи закони против „дезинформации“ сака да ја ограничи способноста на мејнстрим граѓаните на својата држава слободно да ги изразат своите мислења. А, тоа ќе го направи со етикетирање на таквите мислења како способни да предизвикаат „сериозна штета“ на нацијата. Токму онака како што тоа го правеше претходната македонска влада борејќи се против дезинформациите, дезинформирајќи ја македонската нација. Затоа лицемерно е денес да тврдиш дека си создал програма за проверка на факти која помогнала да се заштитат корисниците на социјалните мрежи од измами и теории на заговор, кога таквата програма била програма за цензура на слободниот говор. Иако проверувачите на факти наводно се рекламираа како независни чувари на вистината, неодамнешните настани ги отсликаа како обични извршители на модерни политички позиции. Но, како тоа да им објасниш на обични платеници кои не се грижеа за слободата на говорот зашто секогаш беа и останаа во Македонија во „брак, со кого се не, а најмногу со политиката“. Со ставање официјален печат на очигледните манипулации со вистината, инквизиторите на вистината во Македонија извршија конвергенција на проверката на факти и приоритети на тогашните партии на власт. Мојата поента овде е дека конвергенцијата на моќта на владата со проверката на фактите не беше ниту заговор ниту случајност, најмалку шпекулација. Тоа беше осмислен процес на прикриена цензура на слободниот говор. Но, очигледно слободата на говорот е посилна од цензурата. Така било и секогаш ќе биде.

    Појавата на новинарството за проверка на факти можеби го истроши своето добредојде. Стана очигледно дека надолната спирала на професијата за проверка на факти, која првенствено ја водеа политички ангажирани новинари, а не стручни специјалисти за темите што ги оценуваат, станува грдо минато на слободниот говор. Се виде дека никој, а најмалку самодекларирани експерти, треба да имаат авторитет над вистината. Самоназначените медиумски чувари беа темпирана бомба на политичка цензура, која предолго чекаше да биде ослободена кога искушенијата станаа преголеми, а потребата за непристрасност уште поголема. Проверувачите на факти не сфатија дека јавноста е помудра отколку што тие мислат дека е. За нив најдобриот начин да се заштити слободата на говорот беше да се забрани говорот што не им се допаѓа. Така, проверката на факти ja претворија во само уште еден збор за цензура.

    Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес