Словачка ги дислоцира своите војници од Ирак, Лондон ќе ја почитува волјата на Багдад

Словачките војници распоредени во Ирак како дел од воениот контингент на НАТО, поради безбедносни причини привремено се преместени во друга земја, изјави во вторникот премиерот Петер Пелегрини без да ја открие државата во која се предислоцирани војниците, а истовремено британската влада изрази подготвеност да ги повлече своите трупи доколку Багдад тоа го побара.

Словачкото радио во својот извештај истакнува дека по „преместувањето во друга земја“, за нивното натамошно учество во мисијата на Алијансата за обука на ирачките безбедносни сили, Братислава има намера да разговара со челниците на западниот воен сојуз.

„Словачките војници од мисијата која ги обучува ирачките колеги привремено се преместени во друга земја. Сите во моментов се на безбедност, предислоцирањето е спроведено со соодветните правила, Сите натамошни одлуки за нивните активности ќе бидат донесени со максимална одговорност и по консултации со нашите сојузници“, се наведува во писмената изјава на премиерот Пелегрини.

Одлуката за привременото повлекување на војниците ја донела словачката влада. Во составот на мисијата на НАТО, според медиумите, имало седум словачки воен инструктори. Други детали не се дадени.

Словачкиот премиер Пелегрини во недалата на постојаниот претставник на земјата во штабот на НАТО во Брисел му испратил насоки да го поддржи предлогот за завршување на мисијата на Алијансата во Ирак. Тоа, според медиумите, била неговата реакција откако малку претходно истиот ден ирачкиот парламент едногласно донесе резолуција за завршување на присуството на странски воени трупи во земјата.

Претходно во вторникот загрепските медиуми објавија дека четиринаесет хрватски војници започнале да се повлекуваат од Багдад по настаните предизвикани од американскиот атентат врз иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Британската влада ќе ја почитува волјата на ирачката влада, доколку таа побара од Лондон да ги повлече своите војници од ирачката територија, изјави во вторникот говорејќи во Долниот дом на парламентот, британскиот министер за одбрана, Бен Волес.

Според податоците на британските медиуми, во Ирак се распоредени околу 400 британски војници. Главнината од нив е стационирана во базара ал-Таџи, во близина на главниот град Багдад.

„Ќе го почитуваме суверенитетот на Ирак. Доколу (ирачките власти) побараат да ја напуштиме земјата, ние ќе ја почитуваме нивната волја, бидејќи имаат право на тоа“, изјави Волес.

Притоа министерот истакна дека британската влада преговара со властите во Ирак за да ги убеди во неопходноста од продолжување на операцијата на западната коалиција предводена од САД на територијата на Ирак против терористичката групација Исламска држава.

Ирачкиот парламент во неделата усвои резолуција со која се бара целосно повлекување на странските трупи од земјата, како реакција на американскиот напад во кој беа убиени во петокот иранскиот генерал и командантот на ирачката шиитска милиција, и притоа оценувајќи дека токму САД пред речиси две години објавија тотален пораз на сунитската џихадистичка организација Исламска држава.

САД засега децидно не се изјаснија на ова барање на Багдад, но претседателот Доналд Трамп се закани со „невидени санкции“ против Ирак доколку американските војници ја напуштат неговата територија во која САД „вложиле милијарди долари“.