Словачка незадоволна од чешките контроли на границата

Словачка го зајакна од четвртокот притисокот врз Чешка да ги ублажи пограничните контроли кои веќе со седмици се на сила за справување со зголемениот број мигранти, главно од Сирија, кои одат кон Германија и западна Европа.

Засилените патроли и контроли предизвикаа тензии меѓу двете земји сега блиски сојузници кои во периодот на падот на комунизмот мирно се раздвоија. Словачкиот премиер Едуард Хегер ја оспори примената на контролите според правилата на Европската унија и за тоа во четвртокот доцна вечерта разговараше во Прага со чешкиот колега Петер Фиала.

Контролите на влезните точки по должината на чешко-словачката граница долга 252 километри за да се одвратат мигрантите кои пешки или ги криумчарат во возила, предизвикале застој во камионскиот транспорт, често предизвикувајќи повеќечасовни доцнења и предизвикувајќи лутина кај словачките превозници.

Братислава вели дека со контролите се кршат принципите на безвизната Шенгенска зона на ЕУ, чиј дел се двете земји. Но чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан изјави по состанокот на чешката и словачката делегација дека контролите ќе останат на сила, но дека ќе се настојува да му се олесни движењето на локалното население.

„Секако би било добро да бидат извршени проверки и да бидат што побрзи за чешките и словачките граѓани. Се договоривме за посилна полициска соработка на самата граница“, изјави Ракусан во интервјуто за чешката телевизија и додаде дека двајцата премиери повеќе поединости ќе дадат во петок.

Европската унија ги одобри привремените чешки контроли поради „нерегуларните миграции, активностите организирани од групи криумчари“.

Словачката влада претходно во ноември постави камп од 16 шатори крај Кути, пограничен град, за да го управува протокот мигранти кои ги запираат контролите.

„Сакам да одам во Германија, бидејќи таму се татко ми и семејството. Само сакам да одам во Германија да работам. Немам пари“, изјавил за Reuters 24-годишниот Халид во кампот откако бил запрен од чешките контроли и додава дека за патувањето од Сирија му биле потребни шест седмици.

Чешката влада ги воведе граничните промени на 29-ти септември откако оваа 2022 година забележала за 12 пати пораст на бројот на притворените илегални мигранти, кои сега ги има 12.000. Од тогаш, пак, чешката полиција во понеделникот објави дека открила 8.840 случаи на илегална миграција и вратила 2.841 лице во Словачка.

Големо мнозинство од мигрантите биле Сиријци, кои во најголем случај патуваат во Германија, според чешките власти. Словачкото министерство за внатрешни работи соопшти дека граѓанската војна во Сирија го отежнува враќањето на мигрантите. Според истиот извор, околу 200 луѓе го наполниле кампот на почетокот од седмицава, повеќето од нив останувале ден или два.

„Се обидуваме тука да поставиме координативен центар каде луѓето можат кусо да останат и потоа да продолжат натаму“, изјави Микаела Канова, од кризниот оддел на словачкото министерство за внатрешни работи, на брифингот во кампот во четвртокот.

Возачите на камиони во понеделникот ноќта направија кратка блокада на премините, по што властите ветија дека ситуацијата ќе биде олеснета.

Словачка, исто така, настојува да помогне во јакнењето на надворешните шенгенски граници меѓу Унгарија, која е членка на ЕУ и Србија која не е членка, каде што многу мигранти влегуваат во ЕУ пред да минат низ Словачка и Чешка.