Словачка: Сојузник на Фицо и „проевропски“ кандидат во вториот круг од претседателските избори

Сојузникот на словачкиот суверенистички премиер Роберт Фицо и поранешен министер за надворешни работи кого западните медиуми го означуваат како „проевропски“ влегоа во вториот круг од претседателските избори, според изборната проекција што доцна ноќта во саботата ја објави јавниот сервист RTVS по првиот круг гласање во Словачка.

Претседателските избори во Словачка се можност Фицо, чии ставови за запирање на испраќањето особено воена помош на Украина за сметка на намалување на стандардот на словачките граѓани, ги налутија критичарите поради неговата блискост со Русија, да ја зајакне својата позиција на власт.

Војната во Украина, високата инфлација и хаотичното владеење под коалицијата предводена од опозицијата од 2020 до 2023 година ја поларизираа дебатата во земјата-членка на НАТО и Европската унија.

Обидите на владата да ги промени кривичните закони во земјата и да ги ограничи медиумските слободи, исто така, доведоа до улични протести и критики на претседателката Зузана Чапутова, која беше жесток противник на Фицо, но не се кандидираше за нов мандат.

Вториот круг од претседателските избори меѓу двајцата водечки кандидати е закажан за 6. април, во случај кога ниту еден од нив не освои мнозинство во првиот круг во сабота.

Проекциите на агенцијата Median SK за RTVS покажаа дека 48-годишниот Петер Пелегрини, претседателот на парламентот кој ја предводи помалата партија во владината коалиција Hlas (Глас), веројатно освоил 37,53 отсто од гласовите во првиот круг, додека 59-годошниот Иван Корчок, кој беше министер за надворешни работи во претходната влада, освоил 41,71 отсто од гласовите.

Прорускиот поранешен претседател на Врховниот суд, Стефан Харабин, е на трето место, откако доби поддршка од националистичка партија, која исто така е во владината коалиција.

Фицо и неговата владејачка левичарска партија Smer победија на парламентарните избори во септември минатата година со ветувања дека ќе ја замрзнат воената помош за Украина и ќе ја задржат поддршката за луѓето погодени од скоковите на цените. Пелегрини, поранешен премиер и поранешен член на Smer, беше клучна фигура во формирањето на коалицијата.

Корчок се обидува да ја спречи владата да ја добие функцијата претседател, позиција која нема голема извршна моќ, но има улога во владините и судските назначувања, ставањето привремено вето на носењето закони и обликувањето на јавната дебата.

Во минатото, гласачите често одбиваа да им ги дадат и владините и претседателските функции на владејачките партии. Чапутова победи на последните претседателски избори во 2019 година, на антикорупцискиот бран насочен кон партијата на Фицо, која во тоа време беше на власт.