Успешниот словачки модел на трансформација е инспирација за Република Македонија за натамошно унапредување на состојбите во сите сегменти на општественото живеење, во функција на повисоки стандарди и квалитет на живеење за сите македонски граѓани. Ние сме особено благодарни за сета досегашна помош и поддршка од нашите словачки пријатели во европската обнова на Македонија.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој денеска во ЕУ-инфо центарот ја отвори изложбата на фотографии “Словачка: следејќи го патот на Кадифената револуција”, организирана од Амбасадата на Словачката Република во Скопје, по повод одбележувањето на јубилејот – 25 години од падот на “Железната завеса“ и од демократските промени во Централна Европа, пренесува МИА.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека по “мирниот развод,” Словачка и Чешка постигнаа исклучителни резултати на внатрешен план, изградија демократски и економски развиени општества, на билатерален план негуваат меѓусебно партнерство и соработка, пријателство и блискост, а членството во ЕУ и НАТО им овозможува да го даваат својот ефективен придонес во унапредувањето на европската интеграција и во градењето на евроатлантската безбедносна архитектура.
– За нас од посебно значење е разбирањето на Словачка за неопходноста од проширување на Европската унија со земјите од Балканот и потребата од принципиелност и конзистентност на европските институции, со цел Македонија и останатите земји од регионот да станат дел од големото европско семејство, каде што природно припаѓаат, подвлече Попоски.