Словенечката војска ќе ја штити границата кон Хрватска

Словенечката војска ќе ја штити границата кон Хрватска
Словенечката војска ќе ја штити границата кон Хрватска

Словенечкиот Парламент доцна синоќа со потребното двотретинско мнозинство ги одобри измените на Законот за одбрана, со кои се овозможува за заштита на границата да може да се активира редовниот армиски состав заедно со полициските сили.

Како што јави ФЕНА, по расправата што траеше повеќе од шест часа, „за“ измените гласаа 69 пратеници, а против беа само петмина пратеници од опозициската партија Обединета левица (ЗЛ).

Војската, според најавите од владата, ќе може да ја штити границата со Хрватска, која е и шенгенска граница, во областите каде не е поставена жичена ограда, од можен неконтролиран прилив на имигранти и да соработува во заеднички патроли со припадниците на граничната полиција.

Овие овластувања на војската ќе важат три месеци, со можност за понатамошно продолжување, ако миграциската криза продолжи.

Словенечкиот премиер Миро Церар изјави дека таквите овластувања за војската во сегашната миграциска криза не се единствен случај во ЕУ и оти на сличен начин армијата во пограничните предели кон Словенија ја активираел и Италија и Австрија.

Се претпоставува дека во тримесечниот период ќе бидат ангажирани најмногу 800 словенечки војници.

– Војската за користењето на полициските овластувања на терен ќе мора да го иинформира врвот на полицијата, а користење на присилни средства од страна на војниците ќе биде дозволено само во самоодбрана, истакна за време на расправата словенечката министерка за одбрана Андреја Катиќ.

Премиерот Миро Церар вчера на прес-конференцијата нагласи дека Словенија и натаму кон имигрантите ќе постапува хумано, но дека таа мора да ги заштити своите и националните интереси, како и надворешната граница во Шенген зоната.