По речиси една година од трагедијата во Тетово, случајот со пожарот во модуларната болница влегува во судница, пишува 4NEWS.mk.
Во текот на денот треба случајот да добие свое бројче, а преку АКМИС системот да биде распределен кај конкретен судија.
Обвинети за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово се поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата и дежурниот доктор. Во пожарот во модуларната болница на 8 септември лани загинаа 14 луѓе. Обвинение има и за Општата болница – Тетово.
Бесими и раководното лице се обвинети дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот дека не постапил според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница, се гони за двете кривични дела.
Истрагата ја предводеше тетовското обвинителство, а обвинението е поднесено до надлежниот суд. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.
Обвинителството во октомври, минатата година го објави извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
За 28 дена ќе заборавите на болки во зглобовите или ‘рбетот:гарантирани успеси со сигурни медицински тестови
Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.