Случаи на Ковид-19 и во градинки во Скопје, Битола и Свети Николе

Вирусот почна да се шири и во градинките. Заклучно со вчерашниот ден, регистрирани се позитивни случаи во градинките во Скопје, Битола и Свети Николе.

Од Министерството за труд и социјална политика вчера информираа дека се работи за заболена вработена во градинката  Мајски Цвет – Битола  – објект „Коца Василевска“. Во другиот случај се работи за вработена во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.

Во однос на првиот случај, од страна на КЗБ остварен е контакт со родителите на децата и изолирани се само децата од таа група.

Од Министерството посочија дека согласно проценките на КЗБ, нема опасност за останатите групи од објектот и тие можат да продолжат со работа и примање на деца. Притоа, во домашна изолација се и други пет вработени во истата градинка до 15 односно 17 септември, од последниот контакт со заболената вработена во градинката.

За сите пет деца кои биле во групата на вработената позитивна на Ковид-19, даден е предлог за здравствен надзор заклучно со 23 септември. Во однос на оваа градинка, потенцираат од Министерството, се превземаат сите мерки за дезинфекција на објектот и просторијата во градинката.