Се пакуваат шаторите пред Влада, откако претходно СДСМ со одлука на Централниот одбор одлучи да го затвори партискиот „Кампот на слободата“ поставен пред шеесетина дена пред зградата на Владата на Република Македонија. Но, денес можеше да се забележи дека чистењето на теренот се врши со службени возила на „последните упоришта на опозицијата“, општина Струмица и општина Центар.
Уште рано изутринава камперите почнаа да ги пакуваат шаторите. По два месеца станарите од околните згради утре конечно ќе се разбудат со поинаква глетка од прозорците. Но, имајќи предвид дека се користат службени возила за расчистување на теренот, се поставува прашањето дали освен возилата, за партиски цели се злоупотребуваат и пари на народот. Односно кој ги плаќа горивата, возачите и се останато?
Водејќи се од денешната глетка се поставува и дилемата дали можеби целото функционирање на кампот било на сметка на буџетот на овие две општини.