Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги смени во петокот министерот за внатрешни работи и директорот на тајната служба поради апсењето и екстрадицијата во Турција на шесте турски државјани поврзани со движењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен.
Харадинај изјави дека не бил запознаен со депортирањето на Турците, коишто се уапсени во четвртокот на Косово поради поврзаноста со училиштата коишто ги финансира движењето на имамот Фетула Ѓулен, кого Турција го обвинува за организирање на неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година и за создавање „држава во држава“ и го прогласи за терористичка организација FETO.
„Целата операција, одземањето на дозволите за престој, притворот, итното депортирање и тајната екстрадиција во Турција на шесте турски државјани од косовската територија, е спроведена без моето знаење и дозвола“, изјави во петокот косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Уште не е познато кој ќе го замени министерот за внатрешни работи Фламур Сефај и директорот на тајната служба Дритон Гаши.
Станува збор за предавачи на Колеџот „Мехмет Акиф“ на Косово, Чиан Озкан, Кахраман Демирез, Хасан Хусеин Генакан, Осман Каракаја, Јусуф Карабина и Мустафа Ердем, кој е директор на сите косовски образовни институции кои се финансирани од мрежата на Ѓулен.
Движењето на Фетула Ѓулен, кој од 1999 година живее во добровелен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, на врвот од својата моќ имаше образовни институции на сите нивоа во 160 земји во светот, од Авганистан до САД. По неуспешниот пуч Турција изврши притосок врз своите сојузници да ги затворат институциите на Ѓулен, а од Вашингтон досега безуспешно бараше негова екстрадиција. Косово, исто така, последните седмици беше под притисок на Анкара да преземе мерки против училиштата на Ѓулен.
Анкара тврди дека шесте турски државјани уапсени на Косово се одговорни за регрутирање за мрежата на Ѓулен, и дека им помагале на лица обвинети за поврзаност со неа да побегнат пред властите во Турција кои во рамките на својата пресметка со ѓулевистите од државните служби и бебзедносните сили отпуштија десетици илјади луѓе а повеќе стотици завршија во затвор.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја поздрави екстрадицијата на шесте високи членови на движењето на Ѓулен на Косово.
„Конечно, напата национална разузнавачка агенција во соработка со косовската разузнавачка служба, уапсија шест високи претставници на FETO на Блаканот и го предадоа на нашата полиција. Рековме дека сите кои побегнаа ќе ги следими и со дозвола на Господ ќе ги донесеме тука“, рече Ердоган.