Смртни закани за политичари на истокот од Германија

Во германската сојузна покраина Тирингија во пресрет на неделните локални избори во оваа покраина зачестиле смртните закани за истакнати политичари.

„Во писмо ми се заканија дека, доколку не ја сопрам предизборната кампања, ќе ме избодат како што тоа ѝ се случи на градоначалничката на Келн пред неколку години или дека ќе ми постават бомба во автомобилот“, изјави за медиумите кандидатот на Христијанско-демократската унија (CDU) во Тирингија, Мајк Моринг.

Тој минатиот месец примил разгледница во која му се заканувале со смрт. На разгледницата авторот се повикува на убиството на, исто така, демохристијанскиот политичар Валтер Либке кој беш убиен во годинава, а за неговото убиство беше осомничен припадник на неонацистичкото милје. Но подоцна германскиот министер за надворешни работи Хорст Зехофер изјави дека засега нема индиции оти Штефан Е., осомничениот за убиството на демохристијанскиот политичар на почетокот од април, дејствувал во рамките на некоја крајно десна терористичка организација.

Закани со смрт поврзани со предизборната кампања во Тирингија, каде во недела се одржуваат локалните избори, примил и претседателот на партијата Зелени, Роберт Хабек, како и кандидатот на оваа партија во Тирингија, Дирк Адамс.

Одговорноста за последните смртни закани ја презема групацијата којашто себеси се нарекува „Државен гудачки оркестар“, којашто инаку им е позната на властите.

„Ние не смееме да дозволиме ширење на омраза, насилство и закани со смрт“, порача Моринг преку Twitter.

Министерот за внатрешни работи на Тирингија, Георг Маиер, рече дека властите сериозно ги сфаќаат заканите. Потврди и дека покраинскиот премиер Бодо Рамелов прима закани. Во врска со тоа полицијата извршила претрес во стан на еден познат неонацист, кај кој е пронајдено „поголемо количество“ оружје.

Според анкетите, во Тирингија во недела најголем број гласови би можела да освои евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD). Според медиумите, во оваа сојузна покраина дејствува најекстремното крило на оваа партија.

Пред десетина дена во соседната сојузна покраина Саксонија-Анхалт, беше изведен терористички напад со антисемитска заднина. Цел на нападот беше синагогата во градот Хале на еврејскиот празник Јом Кипур, кога беа убиени две лица и уште две беа ранети.