Смрзнатата плоча на Гренланд забрзано се топи и е најмала од 1948 година

Гренладнската ледена  плоча минатата година се намалила најмногу од периодот кога во 1948 година почнаа да се бележат податоците за неа, покажуваат најновите истражувања.

Лондонски „Индипендент“ пренесува дека истражувачите откриле  дека големиот пад на површинската маса го предизвикале не само високите температури на воздухот, туку и одредени атмосферски услови кои станале зачестени заради климатските промени.

„Со децении го уништуваме мразот што настанувал со илјадници години“, изјави раководителот на истражувањето Марко Тедеско, истражувач во опсерваторијата Ламонт-Доерти на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Ледената плоча на Гренланд, втора по големина во светот, покрива 80 отсто од островот. Минатата година загуби приближно 600 милијарди тони вода, што придонесе за раст на глобалното ниво на морињата за околу 1,5 милиметар, се наведува во истражувањето објавено во магазинот „Криосфера“.