Тајното венецуелско движење наречено „Soldados de Franelas“ ја презема одговорноста за обидот за убиство на претседателот Николас Мадуро на денешната воена парда во Каракас, при што беа ранети седуммина војници. Дроновите натоварени со експлозив биле соборени од снајперистите пред да стигнат до бината, па екплодирале во воздух. Остатоците на леталата и бранот од експлозијата удриле во една од зградите во близина.
Операцијата се состоеше од лет на два дрона кои беа наполнети со експлозив C4 до претседателската трибина. Снајперистите на почесната гарда успеаја да ги соборат дроновите пред да стигнат до метата. Овој пат тоа не успеа, но само е прашање на време, напиша групата на својот Твитер профил.
По нападот Мадуро ги обвини сонародниците кои живеат во Флорида, САД како и Колумбија за обидот за атентат, што колумбиската влада веднаш го негираше и побара извинување од претседателот на Венецуела.
Одредени медиуми, пак, излегоа со тврдење дека станувало збор за експлозија на боца со гас.
Се смета дека движењето “Soldados de Franelas” е формирано во 2014 година и дека истото е поврзано со поранешниот венецуелски спеецијалец и актер во акциски филмови, Оскар Перес. Тој во јуни 2017 година предводеше напад со хеликоптер врз владината зграда во Каракас. Перес беше убиен од страна на венецуелските безбедносни сили во јануари годинава.