Снемува „ремдесивир“ во Европа

Европските земји се соочуваат со недостиг на „ремдесивир“, кој се употребува за лекување од ковид-19, имајќи предвид дека се намалуваат ограничените резерви, бидејќи големи количества на лекот, кој го произведува компанијата „Гилеад“, се продадени на американскиот пазар.

Во јули оваа година земјите од ЕУ и Велика Британија, кои заедно имаат околу 500 милиони жители, обезбедиле дози „ремдисивир“ за 30.000 пациенти.

САД потпишаа со производителот „Гилеад“ договор за продажба на повеќе од 500.000 дози, што е поголем дел од производството на компанијата минатиот месец.

– Има недостиг на „ремдисивир“ – изјави портпаролот на холандското Министерство за здравство Мартин Јансен, додавајќи дека сепак наскоро се очекуваат нови испораки.

Докажано е дека антивирусниот лек го забрзува закрепнувањето кај најтешките случаи на ковид-19.

„Ремдесивир“ и кортикостероидот „дексаметазон“ се единствени лекови кои се одобрени во Европа за лекување на коронавирусот.

Двата лека ги примил американскиот претседател Доналд Трамп, кој се лекува и со експериментален коктел од антитела.

Бројот на хоспитализирани лица во Европа се зголемува, иако во повеќето земји е се уште помал отколку пролетта.

– Поради зголемениот број на примени пациенти во болница, драстично расте побарувачката за „ремдесивир“ – истакна Јансен.

Полскиот министер за здравство Адам Ниедзелски изјави дека лекот нестасува во некои болници. Последната испорака на „ремдесивир“ за Полска пристигнала минатиот петок.