Сноуден бара азил во Бразил

Поранешниот службеник на американската Национална агенција за безбедност (НСА), Едвард Сноуден изјави дека поднел барање за азил во Бразил и дека очекува да го добие од хуманитарни причини.

„Би сакал да живеам во Бразил,“ изјави Сноуден кој моментно престојува во Русија.

Сноуден наведе дека формално побарал азил во неколку земји, вклучувајќи го и Бразил и очекува дека ќе му биде доделен од хуманитарни причини, но не и да ги „понуди тајните документи на НСА на било која земја во замена за сигурно прибежиште,“ пренесува АФП.

Поранешниот системски администратор на НСА минатата година објави низа тајни документи  кои јасно покажаа дека американската известувачка служба прислушува повеќе земји, вклучувајќи го и Бразил. Тоа беше причината бразилската претседателка Дилма Русеф да ја откаже планирана посета во Вашингтон.

Сноуден моментно живее во Русија, азилот во таа земја му истекува во август.

Официјалните лица на НСА објавија дека Сноуден имал пристап до околу 1,7 милиони тајни документи, но не е јасно колку од нив ги отстранил од седиштето на агенцијата во Хаваи.