Сноуден ќе сведочи во одбрана на творецот на Football Leaks

Руи Пинто, ќе му се суди за над 90 дела

Поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден кој во медиумите објави непријатни сознанија за масовното следење на милиони луѓе низ светот од страна на американските агенции, ќе биде еден од 45-те сведоци кои на судот во португалската престолнина Лисабон ќе сведочат во полза на Руи Пинто кој стои зад Football Leaks, интернет платформата која отвори многу афери во светот на фудбалот.

Франциско Тешеира да Мота, адвокатот на Руи Пинто, истака дека судењето ќе започне во петок, но не знае дали Едвард Сноуден, кој по обидот да замине во Јужна Америка остана заробен и сега живее во Русија, ќе сведочи преку видео-врска.

Пинто преку Football Leaks објави многу доверливи договори, документи и преписки кои доведоа до серија истраги за незаконити активности во фудбалот.

Беше уапсен во 2019 година во Унгарија и предаден на Португалија која го бараше, каде го чека судење под обвинување за обид за изнуда, сајбер-криминал и злоупотреба на тајни документи. Португалецот ги негира обвинувањата, тврдејќи дека дејствувал во јавен интерес.

По повеќе од една година во притвор, сега 31-годишниот Пинто беше пуштен во куќен притвор. Меѓутоа, не може да го напушти станот, ниту да користи уреди кои се приклучени на интернет. Франциските обвинители потврдија дека соработувале со Пинто, а и други земји изразија желба да го сторат истото.

„Руи Пинто е Сноуден на меѓународната корупција и тој мора да биде препознаен како еден од најголемите ‘свиркачи’ од почетокот на овој век“, изјави адвокатот Вилијам Бурдон за Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.

Во 2013 година, Сноуден ги објавува во медиумите методите на електронско следење на комуникациите од страна на американските разузнавачки служби, вклучително и нелегалнот прислушување на раговорите меѓу странските челници. Бегајќи од прогонот на американските власти, Сноуден од Хонгконг побара азил од неколку земји, вклучително и од Русија кога остана блокиран на меѓународниот московски аеродром во обидот да замене во некоја од јужноамериканските земји. Во август 2014-та тој доби дозвола за престој на територијата на Руската Федерација за три години, кој потоа двапати му беше продолжуван.

Во САД Сноуден е осомничен за кршење на два члена од законот за шпионажа, и по секоја од овие точки се соочува со затвор до 10 години. Претставници на американската администрација повеќепати изминатите години изјавуваа дека сметаат оти Сноуден е предавник и дека немаат намери да му простат, бидејќи тој предивикал сериозни штети на интересите на националната безбедност.

Но кон средината на август, сегашниот американски претедател Доналд Трамп изјави дека „сериозно“ ќе ја разгледа можноста за помилување на поранешниот разузнавачки аналитичар во Агенцијата за национална безбедност (NSA). Американскиот претседател во интервјуто за весникот The New York Post, меѓу другото, истакна дека „многумина сметаат дека кон него (Сноуден) се постапува неправедно“.