Со чартер лет од Атина доброволно во Грузија се вратија 155 грузиски државјани

Со чартер лет на Меѓународната организација за миграција (ИОМ Грција), 155 грузиски државјани од Атина доброволно се вратија во Грузија во рамките на програмата за помогнато и доброволно враќање и реинтеграција на мигрантите во нивната земја на потекло, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според надлежното Министерство, од почетокот на програмата во септември 2019 година, над 9.100 мигранти безбедно се вратиле во своите земји на потекло.

Проектот е кофинансиран со 75 отсто од европските фондови и со 25 проценти од националните фондови и го спроведува Меѓународната организација за миграција во соработка со Службата за азил на Министерството за миграција и азил на Грција и грчката полиција.