Со чартер лет од Атина во Пакистан доброволно се вратија 86 мигранти

Со чартер лет од Атина на Меѓународната организација за миграција (ИОМ Грција), 86 пакистански државјани утрово се вратија во Пакистан во рамките на програмата за помогнато и доброволно враќање и реинтеграција на мигрантите во нивната земја на потекло, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави МИА од Атина.

Проектот е кофинансиран со 75 отсто од европските фондови и со 25 проценти од националните фондови и го спроведува Меѓународната организација за миграција во соработка со Службата за азил на Министерството за миграција и азил на Грција и грчката полиција.

Од почетокот на програмата во септември 2019 година, повеќе од 9.020 мигранти безбедно се вратиле во своите земји на потекло.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, утрово беше на атинскиот аеродром при заминувањето на 86-те мигранти и истакна дека „земјата ги засилува депортациите и доброволните и присилните“.

-Нашата земја спроведува строга, но правична миграциска политика и во последните три години, повеќе нелегални мигранти ја напуштија нашата земја отколку што пристигнаа, истакна Митаракис.