Министерот за здравство, Венко Филипче заедно со менаџментот на Општата болница со проширена дејност Кавадарци и генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, денеска го промовираа комплетно реновираниот интерен оддел за женски болести.
Овој оддел повеќе од 30 години беше вон употреба, а реновирањето е донација од компанијата „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Се заблагодарувам за компанијата „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за оваа многу значајна инвестиција. Оваа болница со години е позната по квалитетните здравствени услуги и заслужува и натаму да биде унапредувана. Ова не е прва и единствена донација од Алкалоид. Алкалоид е меѓу првите компании која помогна на Министерството за здравство во ковид кризата. Воедно е компанија која со години наназад стипендира студенти од областа на медицинските науки. И покрај здравствената криза предизвикана од Ковид-19 продолжуваме со подобрување на условите во јавно-здравствените установи, меѓу кои е и болницата во Кавадарци, каде е целосно реконструиран интерниот оддел за женски болести и е набавена нова медицинска опрема. “ – рече при денешната посета министерот Филипче.
Новото одделение е направено по современи стандарди за здравствени објекти. Во одделот има дел за престој на пациентите, болнички соби со тоалети, дел за интензивна нега и дел за медицински персонал.
Директорот на болницата, д-р. Диме Коцев посочи дека одделот е изграден со најсовремени градежни материјали и опремен со модерен медицински и технички ентериер, со што се овозможуваат одлични услови за сместување на пациентите и нивно поквалитетно болничко лекување.
Генералниот директор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов изјави дека оваа донација компанијата ја спроведе под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, формирана во чест на основоположникот на модерниот „Алкалоид“ кој својот животен пат го започна токму од Кавадарци.
„Иако денешниот повод за посета е пуштање во работа на само еден оддел од оваа болница, која претставува исклучителен пример за функционирање на јавното здравство, ние како компанија ќе ја продолжиме нашата поддршка тука во Кавадарци“ – рече Мукаетов.
Во изминатите три години, болницата во Кавадарци е кадровски зајакната со вкупно 86 лица, од кои 12 доктори на медицина, двајца доктори специјалисти по ортопедија и интерна медицина, двајца стоматолози, психолог, социјален работник, како и 21 медицинска сестра, 10 болничари, лаборанти, фармацевтски техничари и друг медицински и немедицински кадар.