Со Груби повеќе не може да се работи,велат „Огнените“ кои бараат свежина во ДУИ

Носењето одлуки се претвори во ексклузивна привилегија на Артан Груби, а таа негова привилегија предизвика поделба во партиските тела обвини денеска пратеникот Изет Меџити, кој е дел од таканаречената „огнена група“ од ДУИ.

Членовите на „огнената група“ денеска одржаа прес-конференција на која распалија со критики кон првиот вицепремиер Артан Груби, но и кон министерот за надворешни работи Бујар Османи, велејќи дека тие двајца имаат најслаби резултати во својата работа.

– Немаме проблем со ориентацијата на Владата. Ова е принципиелна војна која се одвива внатре во ДУИ. Oва ќе се рефлектира на пошироко ниво. Цел владин состав потфрли и треба да се замени со нов свеж кадар. Свежина е потребна и во раководството на ДУИ. Груби и Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и за првпат се случува рејтингот на албанската опозиција да го надмине рејтингот на ДУИ – изјави Меџити.

Според него, ова ова не оди само на штета на ДУИ, туку и на штета на државата.

– Се работи за членството на ДУИ. Ќе ги користиме сите демократски средства, ќе одиме тет-а-тет средби со членовите да видиме што велат тие – рече Меџити.

Како што вели пратеникот, нема дилеми дека Али Ахмети треба да остане како лидер на партијата.

– На две седници на претседателството аргументиравме зошто луѓето потфрлуваат и дека треба да си одат. Сѐ што се однесува за стратешките договори со ЕУ, Бугарија или добар закон во Собрание, јас ќе го гласам, а она што не е добро нема да го гласам – изјави Меџити.

Во т.н. „огнена група“ во ДУИ покрај Меџити се уште и градоначалниците Беџети и Ганиу, ексфункционерот Муса Џафери, како и пратеникот Кастриот Реџепи.