Фудбалерите на Астон Вила ги загубија првите бодови во новата сезона на англиската Премиер лига, откако во петокот на свој терен беа поразени со 0:3 од Лидс Јунајтед, за кој како стартер настапи македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, а сите три погодока во интервал од 19 минути ги постигна Патрик Бамфорд.
Бамфорд првиот погодок го постигна во 55 минута по акцијата која започна од Алиоски, кога одбиената топка по ударот на Баркли ја испрати во небранетата мрежа. Во 67 минута центарфорот на Лидс прими топка пред противничкиот шеснаесетник се намести и неодбранливо го погоди горниот лев агол од голот на домашните. Во 74 минута Бамфорд одлично се снајде во шеснаесетникот на Астон Вила, и итро погоди од десната страна во спротивниот долен агол.
Фудбалерите на Лидс Јунајтед упатија дури 27 удари кон голот на фаворизираната Астон Вила, од кои девет одеа во рамките на голот, што јасно покажува колкава надмоќ имаа гостите на овој дуел.
Лидс сега со 10 бодови од шест натпревари скокна на третото место на табелата, додека Астон Вила по првиот пораз сезонава остана на 12 бодови со меч помалку, на бод заостанување зад водечкиот Евертон.
Во сабота на програмата се дуелите: Вест Хем – Манчестер Сити, Фулам – Кристал Палас, Манчестер Јунајтед – Челзи и Ливерпул – Шефилд Јунајтед.
Во недела колото продолжува со натпреварите Саутемптон – Евертон, Вулвехемптон – Њукасл, Арсенал – Лестер и Брајтон – Вест Бромвич Албион, а колото ќе го заокружи во понеделник мечот меѓу Брајтон и Тотенхем.