Со ќотек и закана со оружје го терале да потпише дека ја напушта фирмата

Жител на ресенско пријавил дека во Скопје од две лица под закана со пиштол и физичко малтеретирање бил принудуван да потпише документи за да им ја отстапи фиирмата , но тој ги измамил потпишувајќи се со потпис различен од оној што  вообичаено го употребувал.

Во четвртокот  во 20,40 часот во Полициска станица Карпош, 34-годишниот В.В. од ресенското сечо Стење,  пријавил дека истиот ден околу 11,00 часот во Скопје, на улицата „Скупи 6“, поточно во станбениот комплекс „Свети Јован“, додека бил на своето работно место, дошле две лица, влегле во неговата канцеларија, ја заклучиле вратата и извадиле некакви документи и му рекле да ги потпише.

Документите се однесувале за престанок на работен однос и спогодба со фирма каде В.В. бил управител за да си замине од неа.

Откако В.В. одбил да потпише, едното лице го фатило за врат и почнало да го дави, додека другото лице го удирало со тупаници во пределот на телото. Во еден момент едниот од сторителите од џебот извадил пиштол и му се заканил, при што В.В. од страв ги потпишал документите со потпис различен од потписот со кој вообичаено се потпишувал.

Двајцата сторители во канцеларијата без негова согласност го држеле околу 30 минути заклучен, потоа му ги земале клучевите од канцеларијата и го избркале од комплексот, по што В.В. се упатил во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде му била укажана лекарска помош.