Под мотото „Служи за да промениш живот“ е основан новиот Ротари клуб „Скопје Водно“. Тој брои 20 членови – професионалци од повеќе области и лидери во заедницата подготвени своите вештини и можности да ги стават во служба на заедницата.
На настанот, покрај членови на новиот клуб, присуствуваа и Гувернерот на Дистрикт 1912, Душан Петерковиќ, поранешни гувернери и идни гувернери, г-ѓа Даниела Арсовска-градоначалничката на Град Скопје, гости ротаријанци од Србија, Бугарија и Грција, како и ротаријанци од сите клубови во Северна Македонија.
Новата претседателка Маја Чанаќевиќ во своето обраќање истакна дека сите средства што беа донирани ќе бидат наменети за поставување две вело-станици што ќе послужат за моментална помош и поправка на велосипеди на планината Водно.
Овој проект е продолжување на првиот „Мапирање на Водно и виртуелна прошетка низ планината“, кој беше финансиран од лични средства на членовите на клубот и е насочен кон заштитата на животната средина и екологијата со проекти на планината Водно, симбол на Скопје.
Целта на проектот е да се поттикне размислувањето не само кај љубителите на планинарењето, туку и кај сите граѓани на Скопје, и да се подигне свеста за тоа колку е потребна планината која треба да ја негуваме и да ја заштитуваме.
Новиот клуб „Скопје Водно“ е дополнување на ротари-заедницата, со активни 22 клуба во Македонија. Македонската ротари-заедница е дел од Дистрикт 1912 Словенија и активно функционира повеќе од 27 години со повеќе од 500 членови.