![pance toskovski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/pance-toskovski.jpg?resize=696%2C402&ssl=1)
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека во моментов во земјава се испечатени околу 525 илјади возачки дозволи со новото уставно име. Тој во гостување на Топ Тема на ТВ Телма вели дека во земјава до крајот на годинава треба да се променат нешто над 272 илјади вакви документи кои го содржат старото име но кои според датум на издавање се уште се важечки.
Додава дека сега со законските измени за безбедност во сообраќајот тие ќе важат до 31.12.2024 година.
Министерот исто така информира и дека до станиците за технички преглед дистрибуирани се 350.000 налепници со новиот код НМК, кој граѓаните треба да ги постават на своите таблички бидејќи без нив нема да можат да излезат од државата, обврска која произлегува од Преспанскиот договор и која на сила стапува вечерва на полноќ.
На прашањето дали тоа ќе бидат фрлени пари или ќе се промени Правилникот од 2019, изменет во 2020 и 2023 година, според кој министер за внатрешни работи не смее, ниту да дистрибуира, ниту да лепи налепници НМК, Тошковски одговори дека службите во МВР моментално изработуваат нов правилник.
„Се надевам ќе го донесат и истиот ќе биде готов вечерва и веднаш потпишан. Известен е и директорот на Службен весник, дека овој правилник ќе биде сменет,“ истакна Тошковски.