-Продолжуваме со објавување на детали за двата договоран од речиси 13 милиони евра, кои компанијата Индустри сервис ги потпишала со МВР на Спасовски. Договори преку кои од буџетот на МВР се одлеваат милионски суми на евра, а полициски службеници и вработените во МВР ќе добиваат храна која е далеку од стандардите и нивните потреби, истакна на прес конференција, Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Во период кога се кратат дневниците и прекувремените работни часови на полицајците и МВР штеди буквално на сѐ, Оливер Спасовски распишува два тендера за достава на храна, за два различни објекта на МВР. И двата ги добива Индустри сервис која е отворена за да приготвува оброци, а полицајците во голем дел ќе добиваат конзерви и сува храна, наместо подобра услуга.
Со двата тендера од речиси 13 милиони евра, кои се за период од 36 месеци, годишно Индустри сервис во просек може да наплати по речиси 4.5 милиони евра. Тоа е за речиси една третина повеќе од колку што се трошело до сега. Имено лани за цела година, МВР за набавки на храна потрошила само 3.3 милиони евра.
Дополнително, на Индустри сервис, според договорот, ѝсе признаваат транспортни трошоци, кои се 15% од литар гориво за секој изминат километар, меѓутоа тука не запираат нелогичностите. Имено, кога ќе се погледне спецификацијата, се воочува дека и двата договора на МВР на Спасовски со Индустри сервис сопственост на Драган Смилковски, близок пријател на Спасовски се полни со конзерви и сува храна. Дури и гулашот и гравот во спецификацијата доставена до МВР од страна на Индустри сервис се во конзерви.
Најголемиот дел од храната е сува и истата ја произведуваат други производители, и не е готвена храна од Индустри сервис.
Сето ова значи дека Индустри сервис, само ставиле своја маржа на конзервите и сувата храна, а МВР добива поскапа храна, отколку кога сами би набавувале во одвоени постапки тие конзерви и сува храна, вели Чулев и додава:
„Се поставува прашањето, зошто е распишан оглас за достава на храна, а не поединечни огласи? Ако Индустри сервис имал сметка да купува и препродаде храна која друг ја произвел, тогаш зошто МВР не го сторило тоа?
Второ прашање е зошто МВР не ги стави во функција кујните во Центарот за обука во Идризово и Полицискиот центар во Ѓорче Петров, кои имаат најмодерни апарати и се по ХАСАП стандард, туку влегува во милионски договори со фирма блиска до СДС?
Која е потребата да се трошат милиони евра за ангажирање на компанија за достава на храна кога полициските службеници и понатаму ќе добиваат во голем дел само замрзната храна и храна во конзерви?
Двата тендери кои ги добила Индустри сервис од МВР во вредност од фантастични 13 милиони евра се повредни од фабриката која истите ја имаат. Бонбона бизнис спакуван под параванот на „поквалитетна храна“ која полицајците за жал нема да добијат.
Спасовски неопходно е да даде одговор зошто се одлучил на два огромни тендери, кои ги добива фирма на чие отворање самиот бил, а која добива финансиски грант од Владата во износ од 1,6 милиони евра? Еве и доказ дека Оливер Спасовски бил на отворање на фабриката во Гази Баба заедно со целокупното раководство на тогашната влада и СДС.
Дали маржата при препродажба морала да заврши кај Индустри сервис?
Спасовски и СДС да не бегаат одговори и да дадат јасни образложенија на наводите изнесени од наша страна“, рече Чулев.