Со употребата на биткоините може да креира ефект на „меур“

Употребата на биткоинот е проследена со низа контроверзи и може да се креира ефект на „меур“, рече денеска гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, одговарајќи на новинарско прашање.

„Биткоинот е доста контроверзно прашање и веќе некои земји почнуваат да го регулираат. Поделени се мислењата меѓу креаторите на монетарните политики и се’ уште доминира мислењето меѓу централните банкари дека кај биткоинот има креирање на меур и не е нешто во кое што туку така се влегува бидејќи ризиците се големи“, рече гувернерот.

Тој потенцираше дека употребата на оваа виртуелна валута е многу опасна бидејќи може да се креира „меур“ кој што може да остави силни последици.

Биткоинот е „интернет-валута“, која се појавила во 2009 година, а создадена е со цел да се избегнат таксите за трансфер на парите од една во друга светска валута.

Со оглед на тоа што биткоинот не е под контрола на ниту една централна банка или влада, постои мислење дека валутата не е подложна на политички притисоци. Токму тоа е причината парите од европските банки многумина да ги префрлаат „онлајн“.

Според еден од основачите на биткоин, Холмс Вилсон, иако виртуелната валута е силна, таа не може да биде сигурна од политичка гледна точка додека не почнат масовно да се употребуваат од Интернет корисниците.

Интересен е фактот дека во Белград е отворен ресторан кој е прв од таков вид и кој што ја прифаќа оваа виртуелна валута. Ресторанот, како што се наведува, наменет за бизнис и урбаната популација, која ги следи современите техничко-технолошки трендови, што е една од главните причини за воведување на овој тип на плаќање.

Во Македонија се’ уште нема информации за користење на оваа вирутелна валута, но секако во предвид мора да се земе предупредувањето од страна на гувернерот Богов.