Сојузот на поранешните советски републики доаѓа на помош на Казахстан

Воениот сојуз на поранешните советски републики во кој доминира Русија ќе испрати мировници во Казахстан објави во четвртокот ерменскиот премиер Никол Пашинјан, откако казахстанскиот претседател Касим-Жомар Токаев побара помош за справувањето со насилните и смртоносни протести во земјата за кои тврди дека се поттикнати од странство а демонстрантите ги опиша како „терористи“.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан на Facebook објави дека неодреден број мировни сили од Организацијата на договорот за заедничка безбедност (ОДКБ) ќе заминат во Казахстан на ограничено време, за да се стабилизира ситуацијата откако беа запалени згради на државни институции, убиени десетина и ранети стотици припадници на безбедносните сили, и беше окупиран меѓународниот аеродром во Алмати.

Во протестите во вторникот и во средата се убиени осум полицајци и припадници на Националната гарда, објави во средата казахстанското министерство за внатрешни работи. Тамошните медиуми пренесуваат и дека се убиени двајца војници во „антитерористичка операција“ на аеродромот во Алмати.

На почетокот започнати како протест против поскапувањето на течниот нафтен гас од 0,11 центи од американскиот долар, на 0,27 центи за литар, гориво кое широко се користи во земјата, протестите брзо за само неколку часа се претворија во бунт против Нурсултан Назарбаев, претходникот на Токаев, кој задржа значајна политичка моќ и покрај тоа што во 2019 година се повлече од должноста по речиси три децении владеење.

Назарбаев се смета за главниот влијателен политички фактор во Нур-Султан, наменски подигната престолнина која го носи неговото име. Се верува, барем според она што го пренесуваат западните медиуми, дека неговото семејство го контролира најголемиот дел од економијата на земјата којашто е најголемата според обемот во централна Азија. Меѓутоа, по почетокот на протестите нема никакви информации за него.

Репутацијата на стабилноста на Казахстан под Назарбаев помогна во привлекувањето стотици милијарди долари странски вложувања во нафтената и металургиската индустрија. Младите, пак, бараат либерализација каква што има во другите поранешни земји на Советскиот сојуз. Овие протести се најлошите во земјата која е пет пати поголема од Франција но со популација далеку помала од 19 милиони, во последните повеќе од десет години.

Во обидот да се смири револтот, Токаев во средата го смени Назарабаев од местото претседател на влијателнито Совет за безбедност и го презема на себе. Исто така, именуваше нов шеф на Комитетот за државна безбедност (КГБ), и го смени внукот на Назарбаев од втората водечка позиција во агенцијата. Владиниот кабинет на Токаев, исто така, поднесе оставка.

Меѓутоа, очигледно дека тоа не е била целта на протестите, па бунтот продолжи со уште поголема жестина и бруталност, а демонстрантите ја преземаа контролата над аеродромот во Алмати, најголемиот казахстански град. Но потоа, медиумите објавија дека аеродромот е „исчистен од терористите“.

Во раните утрински часови во четвртокот по локално време, во својот неколкучасовен телевизиски говор, претседателот Токаев потврди дека побарал помош од ОДКБ, воениот сојуз кој го сочинуваат Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.
„Терористичките банди обучени во странство заземаа градови, инфраструктура и оружје, заземаа пет авиони вклучително и странски на аеродромот во Алмати. Тоа претставува нарушување на интегритетот на државата и, што е најважно, напад врз нашите граѓани кои од мене бараат итно да им помогнам“, рече Токаев во обраќањето.

Руските новински агенции го цитираа шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин, кој изјави дека е засилена безбедноста околу клучните инсталации на космодромот Бајконур во Казахстан, од каде се изведуваат руските вселенски лансирања и за кој Москва плаќа.

 

Анархија и грабежи на улиците

Жител на Алмати, кој во средата разговарал со демонстрантеи, за агенцијата Reuters рекол дека повеќето од оние кои ги сретнал доаѓале од сиромашните предградија и од селата.

На главниот плоштад на демонстрантите им се делела водка, а некои договарал дали да тргнат кон градскиот пазар или во богатите населби поради пљачкосувања, рекол соговорникот на агенцијата и додал дека на улиците „владее целосна анархија“.

Снимките објавени на интернет прикажуваат демонстранти кои скандираа под голема бронзена статуа на Назарбаев преку кој е префрлено јаже во очигледен обид да биде соборен. Жената која ја објави снимката напиша дека е снимена во источниот град Талдикорган.

Во Нур-Султан, Алмати и западната провинција Мангистау во вторникот вечерта беше проглесена двонеделна вонредна состојба, коај во средата беше проширена на целата територија на Казахстан. На сила ќе биде и полициски час од 23 часот навечер до 7 часот наутро, а се гаснат и интерентот и мобилните комуникации.

Русија соопшти дека очекува дека Казахстан брзо ќе ги разреши своите внатрешни проблеми, предупредуваји ги другите земји да не се мешаат во настаните. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека не се вистинити некои изјави од Москва дека САД ги поттикнале смртносните безредија.