СО2 се таложи побрзо од потребното за лимитирање на глобалните температури на 1,5 Целзиусови степени

Јаглерод диоксидот се акумулира во атмосферата побрзо отколку што е потребно за да се ограничи глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, објави британската метеоролошка служба (UK Met Office).

Тоа ограничување е клучна цел на Парискиот климатски договор од 2015 година, кој се чини сè понеостварлив. Метеоролошката канцеларија предвидува дека нивоата на CO2 ќе го достигнат врвот во мај со 426,6 делови на милион (ppm), што се проценува дека е повисоко од кое и да е време во последните два милиона години.

Метеоролошката канцеларија вели дека без апсорпција на растенијата и океаните, зголемувањето на CO2 би било двојно поголемо. Метеоролоѓкиот феномен Ел Нињо ја намали способноста на океаните да апсорбираат CO2, што влијае врз високата концентрација.

„Овогодинешното проценето зголемување на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата е многу над сите три сценарија компатибилни со лимит до 1,5 степени Целзиусови“, рече Ричард Бетс, автор на проценката на Met Office.

Бетс истакнува дека „зголемувањето на CO2 во атмосферата е забрзано во последните шест децении“.

„За да се задржи глобалното затоплување под 1,5 Целзиусови степени, нивото на акумулација на CO2 во атмосферата ќе треба значително да се забави во наредните години и целосно да престане пред средината на векот. Проценката за 2024 година не покажува забавување“, вели Бетс.

Метеоролошката канцеларија проценува дека моменталното затоплување е околу 1,3 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.

Преминувањето на границата од 1,5 степени Целзиусови ќе се случи откако оваа ќе биде просечната вредност за период од околу 20 години.