Собраниска комисија треба да утврди предлог кандидат за специјален јавен обвинител.
Вечерва во Собранието на Република Македонија ќе заседава Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да утврди предлог-кандидат за Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.
Седницата на Комисијата следува откако попладнево Собранието на Република Македонија со 111 гласа „за“ и ниту еден „воздржан“ и „против“ го донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.
Согласно овој Закон на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во Парламентот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор.