Собранието, без опозицијата, го усвои Буџетот за 2021 година

Пратениците во Собранието вечерва со 62 гласа за, без против и воздржани, го изгласаа Буџетот за 2021 година. Собранието го донесе и Законот за извршување на Буџетот. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Буџетот беше изгласан едногласно од присутните пратеници, со вкупно 62 гласа „за“, иако во моментот кога опозиционерите излегуваа од салата внатре имаше 59 пратеници, така што се чинеше извесно дека тешко дека ќе може да се гласа.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески ги обвини пратениците од опозицијата дека со напуштањето на пленарната сала покажале дека сакаат да ја остават државата без Буџет, со времено финансирање во кое ќе може да се исплаќаат пари само за плати и придонеси, но не и за другите неопходните потреби на граѓаните и за функционирање на државата во актуелната ковид-криза.

„Ова е невидена брука. Кога сите во цел свет се обединуваат во борба против ковид-19 и економските последици од пандемијата, ние имаме опозиција која ја напушта салата, која опструира и бојкотира, за да не донесеме буџет, туку да имаме времено финансирање. Затоа ги повикувам колегите Боби Мојсовски, Бисера Костадиновска и Дарко Каевски да ни се придружат во салата и да го донесеме буџетот“, рече Митревски..

Набрзо, тројцата пратеници од пратеничката група на СДСМ, кои очигледно беа во Собранието и чекаа да бидат повикани, се појавија во салата, по што сите следни одлуки беа донесени со по 62 гласа „за“.

Впечатокот е дека социјалдемократите го исценираа „криењето“ на тројцата пратеници, за да видат дали опозицијата ќе остане во салата, за да може да се премине на гласање. Имено, за донесување на буџетот не е потребно апсолутно мнозинство, ама за да се оди на гласање во салата мора да има најмалку 61 пратеник.

Парите предвидени со усвоениот Буџет, според Владата, се насочени онаму каде ќе дадат најдобар ефект и резултати, а во фокусот е здравјето.

Вкупните приходи на Буџетот се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари кои  се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Проектираниот дефицит за 2021 година е 34,9 милијарди денари, од кој отплата по основ на главница на надворешен долг е во износ од 37,2 милијарди денари и отплата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари кои ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на државната каса за догодина, рече дека Буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира средствата на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

„Наредната фискална година се карактеризира со сѐ уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија“, истакна Бесими.

Во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, економскиот раст во земјата е проектиран на 4,1 отсто, согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Во 2021 година се очекува извозната активност на домашните компании да забележи раст од 14 отсто, реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 7,7 отсто, каде значајно влијание врз инвестициите е предвидено да има враќањето на довербата на деловните субјекти, планираните инвестиции на јавниот сектор и зголемената поддршка за развој на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5 отсто, како резултат на очекувањата за подобрување на состојбата на пазарот на работна сила, зголемен прилив на парични дознаки од странство, но и кредитната поддршка од банките. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто, со тоа што очекуваниот фискален импулс ќе биде канализиран и преку капиталните расходи.

Капиталните расходи за 2021 година се планирани на ниво од околу 24 милијарди денари или за 26,2 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Кај капиталните расходи е важно дека се преземаат мерки за подобрување на нивната реализација. Еден од начините е воспоставување механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.Така буџетските корисници се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15% од проектираните капитални расходи, со вториот најмалку 40%, со третиот најмалку 65%, согласно законот за извршување на буџет 2021. Од оние кои нема да ги реализираат средствата, истите ќе бидат насочени онаму каде има подобра реализација.

Според Бесими, како констатација произлегува дека преземените и планираните политики и мерки ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и дигитализацијата.

Тековните расходи за 2021 година се планирани во износ од 223,5 милијарди денари или за 4,4 отсто помалку во однос на планот за 2020 година, а се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на здравствениот сектор.

Овој буџет е фокусиран на доброто управување на јавните финансии, во кој се отсликани врвните приоритети на Владата насочени кон задржување на макроекономската и финансиска стабилност, ублажување на ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството, зачувување на здравјето на граѓаните и зачувување на економијата во целина, со интензивирање на економската активност.

За опозицијата, Дополнетиот предлог-буџет нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.

Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.

Буџетот за 2021 година ги вградува 18-те прифатени амандмани во расправата пред матичната Комисија за финансирање и буџет и тој според власта ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а  кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.

Собранието вечерва го изгласа и измените и доплнувањата на Законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родени и на Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички во Македонија.