Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреби на положбата

Со 48 гласа „за“, 36 „против“, и еден воздржан, Собранието доцна попладнето во средата ги усвои измените на Кривичниот законик коишто ги предложи Владата. Измените на Кривичнот законик беа донесени по скратена постапка и со „европско знаменце“ и според нив се намалуваат затворските казни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за делото злосторничко здружување.

На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа критика дека со овие измени и дополнувања на Кривичниот законик се злоупотребува европското знаменце. Опозицијата, исто така, ја обвини власта дека овие законски измени ги носи за да ги амнестира оние што го прекршиле законот, особено од редовите на актуелната власт.

Но, според заменик-министерот за правда Викторија Аврамовска–Мадиќ која реплицираше, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 биле „со директивите“ на Европската унија.

„За да нема забуни и дилеми зошто Законот е со европско знаменце, нагласувам дека предвидува 38 члена од кои 35 се со директивите на ЕУ. Вчера кога го давав Предлогот зошто треба да биде со европско знаменце и по скратена постапка, напоменав дека целта е усогласување со европското законодавство“, тврдеше Аврамовска–Мадиќ.

Претпладнево, овие измени, исто така, експресно беа усвоени во две собраниски комисии, без амандмани од опозицијата. Денеска експертската јавност реагираше со негативни коментари за овие измени во Кривичниот законик.