Собранието го изгласа Буџетот за 2014 година

Со 67 гласа „за“ и „26“ гласа против пратениците денеска го донесоа Буџетот за 2014 година.

Во Буџетот за следната година приходите се планирани на 158 милијарди и 343 милиони, а расходите на 175.514 милиони денари. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 3,5 отсто и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Расто на Бруто домашниот производ е проектиран на 3,2 отсто, а инфлацијата на 3,3 отсто.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, Буџетот за 2014 година ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализацијата на капиталните инвестиции кои се за 11 проценти повеќе во однос на годинава и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.

„Тоа е континуитет на политиката што ја продолживме во кризни времиња и ќе ја продолжиме во 2014 година. Сите овие факти покажуваат дека Владата посветува внимание на поддршка на сите граѓани од ранливи категории. Освен силната развојна, вклучуваме и димензија на социјална стабилност“, рече вицепремиерот Ставрески.

За опозицијата, Буџетот за 2014 година не нуди можност за раздвижување на економијата и отворање нови работни места, туку предвидува непродуктивни трошоци.