Собранието расправаше за изборот на Дуковска за уставен судија, според опозицијата прекршен е Уставот

Пратениците денеска ја почнаа расправата за изборот на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд.

Дуковска е судија во Апелациониот суд во Скопје од 2009 година и таа е предложена од страна на Судскиот совет со поддршка од 11 гласа и два „против“. Покрај Дуковска предложени биле уште две кандидатки кои ги исполнувале условите.

Членот на Судскиот совет Зоран Герасимовски, пред пратениците посочи дека за предложените кандидати се гласало редоследно според редоследот на нивното предлагање и бидејќи првопредложениот кандидат го добиле потребното мнозинство, Судскиот совет ја донел одлуката.

– Со оглед на тоа дека првопредложениот кандидат за кој се гласаше го доби потребното мнозинство, Судскиот совет донесе одлука со која утврди предложениот кандидат за судија на Уставниот суд да биде судијата Елизабета Дуковска. Имајќи предвид дека на ваков начин одлуката беше донесена, а Судскиот совет во овој момент предлага само еден кандидат, не се пристапи кон гласање за останатите двајца кандидати. Доколку Судскиот совет постапеше спротивно во тој случај ќе го повредеше законот затоа што тој не предвидува дека за кандидат ќе биде утврден предлогот кој добил најмногу гласови туку според редоследното гласање се утврдува оној кој го добил потребното мнзоинство, а тоа е најмалку осум гласа од членовите на Советот со право на глас. Бидејќи одлуката е донесена врз таа основа, не се пристапува кон гласање за останатите предложени кандидати. Вака се гласало и тогаш и и години наназад согласно Законот за Судски совет, рече Герасимовски.

Опозицијата обвини дека со ваквиот избор се крши Уставот и тројцата кандидати не се третирани исто.

– Грешка е направена не во однос на квалификациите што ги имале кандидатите. Со прекршување на уставни права и слободи, сте утврдиле кандидат за член на Уставниот суд. Сите овие кандидати имаат право да бидат избрани. Сите кандидати согласно член 9 од Уставот треба да ги третирате еднакво во слободите и правата и сите имаат право да бидат ставени на гласање, рече Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Праша и по кој редослед е ставена Дуковска прва бидејќи дури ни по азбучен редослед не би требало да биде прва.

– Целата постапка ја доведувате во опасност и се доведува во опасност кредибилитетот на Уставниот суд бидејќи утре еден од кадидатите да покрене постапка за нарушување на правото на слобода и избор, има големи шанси да добие. Како Судски совет несовесно сте постапиле и не се овозможиле членовите на Судскиот совет да се изјнаснат за секој кандидат посебно, рече Милошоски.

Според Гордана Силјановска-Давкова, прекршени се неколку члена од Уставот, а предложената кандидатка по ништо не се истакнува од останатите две кандидатки.

За предлогот Дуковска да биде избрана за судија на Уставниот суд, Собранието ќе гласа дополнително, а за нејзиниот избор треба да гласа мнозинството од вкупниот број на пратеници.