Одлуката на одредени родители да не ги вакцинираат нивните деца е апсолутно нивна одговорност. Во ниту еден момент немаше апсолутизам во моите изјави, туку повикав на свесност. Нека не одат со лични навреди или навреди кон медицински лица дека не знаеме што се вакцините. Заплашувањата дека не треба децата да се вакцинираат и дека вакцините предизвикуваат смрт и воспаление на мозокот се некомпетентни. Вакцините се безбедни, постојат 200 години.
Ова денеска за МИА го изјави директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, која рече дека има повеќе случаи на аутизам, меѓутоа причинителите се многу поразлични од ова на кое се алудира или се дава акцент на вакцините дека тоа го причинуваат.
Имаше, посочи таа, многу коментари по Фејсбук во кои имаше и лични навреди кои нема да ги коментирам.
– Нивно право е да го прават тоа, нема да одговорам на таков начин на кој што тие се обраќаат кон мене, меѓутоа сметам дека Хипократовата заклетва и одговорност е да ги спроведувам оние работи со кои ние како колегиум во цел свет се договараме за доброто на децата, не за мое лично добро или за доброто на одредена популација, изјави таа.
Додаде дека ако вакцината е вистински причинител, што досега не е утврдено, како што рече, ние ќе бидеме први што ќе ги прекинеме вакцините.