Софиска стапица во македонскиот устав?!

Според сѐ судејќи влстите во Скопје подготвуваат нова декларација во преговорите со Софија, настрана од Договорот за добрососедство, кои би значеле гаранции во преговорите за тргање на бугарското вето, тоа како што потврдија и бугарскиот премиер и бугарскиот претседател би значело првенствено вметнување на бугарско малцинство во Уставот на Македонија, но се стравува дека отворањето на највисокиот акт ќе значи создавање простор и за други измени кои Бугарија ги бара од втор план и би довеле до интервенции во однос на националниот идентитет и историја.

По Конференцијата во Минхен стана јасно дека Бугарската влада повторно го одредува правецот и тајмингот во кој ќе се одвиваат преговорите. Така, додека македонските власти молчат за она што се зборувало на состаноците, бугарскиот премиер јасно кажа дека сега вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е условот за тргање на бугарското вето за македнските интеграции, без притоа воопшто да се разговара за реципроцитет од бугарска страна.

Вметнувањето на македонските Бугари во Уставот станува услов за кревање на бугарското вето, а премиерот Димитар Ковачевски во Минхен минатиот викенд, како што откри бугарскиот премиер Кирил Петков, се испазарил со бугарските колеги дека не само што уставно ќе ги заштити Македонците со бугарска самосвест, туку и заедно со Бугарија преку допис ќе ја информираат ЕК дека Македонија се обврзала да го смени Уставот и во него да ги впише македонските Бугари.

„Планираме да одиме во Европската комисија со заеднички предлог. Го потпираме на Копенхагеншките критериуми, врз принципот на правна заштита на луѓето од наше потекло. Мислам дека ако Брисел на овој проблем гледа како можност да се забрза преговарачкиот процес, тоа може да биде искористено подоцна и за други држави членки на Балканот, изјави Петков.

Дека власта предводена од Ковачевски е подготвена на ваков чекор потврдуваа и е изјавите од неговата влада во последните три месеца, според кои за македонската влада нема ништо спорно македонските Бугари да станат рамноправни граѓани како и Македонците, и да ги добијат сите права.

Бугарскиот претседател Румен Радев во вторникот на средба со претставници на бугарските организации и здруженија од Македонија побара јасни и категорични гаранции од властите во Скопје за почитување на правата на Бугарите во Македонија. Радев побара впишување на Бугарите во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите за пристапување на државата кон ЕУ, како и почитување на бугарското културно-историско наследство.

„Дојде до важни промени… нашите држави имаат нови влади. Покрај сите чекори за соработка во областа на економијата, туризмот итн. треба да има јасен календарски распоред за решавање на отворените политички проблеми. Бугарија е државата која најмногу сака ваше брзо пристапување во семејството на Европската унија. Сметам, впишувањето на македонските Бугари во Уставот на РСМ да биде задолжителен услов за за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите. Сметам дека сте рамноправни граѓани на РСМ, а не да бидете невидливи, какви што сте сега. Треба да се искорени говорот на омраза. Тоа не е мешање на Бугарија во внатрешните работи на Македонија. Тоа е израз на загруженост за РСМ и за нејзиниот пат кон членството во ЕУ“, изјави Радев.

Самото посебе, вметнувањето на уште една или повеќе етнички заедници, во кој и обем да се присутни на територијата на македонската држава, не претставува особен проблем. Едноставно, така беше скроен Уставот на почетокот од 1990-те, во прв ред поради стравувањата од прелевање на конфликтот од поранешните југословенски простори и намерата да не се предизвика реакција на некое од малцинствата, кои ги нарековме национални заедници или етнички групи. Малку подоцна, беше сторена и кардинална грашка, кога под притисок на Атина и Брисел, Македонија се откажа од должноста и правата да се грижи за Македонците во соседните земји, што сега се покажува како една пречка да се бара и реципроцитет од Софија во бугарскиот устав да го наброи и македонското малцинство.

Инаку, во однос на признавањето и заштитата на правата на малцинствата, многумина и домашни и странски експерти за меѓународно право, се согласни дека треба да важи принципот реципроцитет, односно како што Бугарија бара признавање на бугарско малцинство во Македонија истото треба да го направи и таа, и во Бугарија да го признае македонското малцинство и да ги гарантира неговите права, што инаку е во согласнот и со бројните добиени пресуди од Судот за човекови права кои ги покренаа Македонците во Бугарија.

Покрај тоа, имајќи го предвид безначајниот одѕив на оние македонски граѓани, кои со земањето на бугарска патна исправа се здобиле со право на глас, на бугарски избори или настани, исто така, укажува дека ставањато на Бугарите во македонскиот Устав би имало само симболично значење. Тоа, исто така, воопшто не значи дека и граѓанските и националните права на македонските Бугари би биле позаштитени од правата на оние заедници кои не се ставени во Прамбулата. Па токму поради тоа се појаваат стравувањата дека станува збор за почеток на позначаен процес во кој Софија ќе бара и измени во однос на дефинициите на македонската историја, јазик и државност, одоносно конечно редифирниање на македонскиот национален идентитет.

Како што претходно седмицата беше објавено, Македонија ѝ понудила на Бугарија рок за внесување на Бугарите во македонскиот Устав да биде сѐ додека траат преговорите за членство на држава во ЕУ, односно сѐ до самиот влез на Македонија во Унијата. Очекувано, пак, бара внесувањето на Бугарите во Уставот да биде пред воопшто да се отворат преговорите на Македонија за влез во ЕУ, што само го потврдува фактот дека македонската политичка гарнитура која е на власт последните пет години воопшто нема никакви ниту професионални, ниту политички капацитети за вистински преговарања. Впрочем, доволно е да се погледне по кога цена Македонија го остваруваше „напредокот“ во своите евроатлантски интегративни процеси досега кога на власт беше токму СДСМ, а последните години „засилена“ со природниот левичарски партнер од албанскиот корпус ДУИ на Али Ахмети.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи веќе подолг период пред јавноста се правда дека била воспоставена праксата за вакви протоколи, но не открива зошто она што беше договорено во 2017 година не е доволна гаранција во оваа фаза на преговорите, и според него договорот бил само рамката по која требало да се движат билатералните односи.

Османи нема конкретен одговор и дали она што бугарскиот премиер Петков го најави дека заеднички ќе ја известат ЕК дека Македонија се согласила да го отвори повторно Уставот и да ги вметне македонските Бугари, ќе стане и предуслов на Брисел за почнување на преговорите. Тој премолчно навести дека не исклучува можност новите условувања околу отворањето на Уставот да станат дел и од преговарачката рамка, сепак, тоа било одлука на сите земји членки на Унијата.

Опозицијата веќе подлг период алармира за таквото сценарио. Челникот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски најави дека има информации оти во игра на преговарачката маса со Бугарија не е ставено само вметнувањето на македонските Бугари во Македонија, туку и културата, јазикот и историјата. Меѓутоа, повторно имајќи го предвид искуството со начинот на кој СДСМ преговара и за надворешнополитички и за домашни теми, особено во поглед на меѓуетничките односи, факт е дека тогаш секогаш се носат штетни решенија по националните прашања, кои подоцна никогаш не можат да се поправат без нови тензии или штети.

„Спорот со Бугарија чијшто создавач е заевизмот е непромостлива пречка за оваа влада. Главната активност на Ковачевски изминатиов период е сликање со Петков и состаноците со Заев. За ова последново не ни треба докази, се гледа од политиките на Ковачевски, сите тие политики се практично лице и опачина на една иста политика која што беше убедливо поразена на два пати на локалните избори, позната во јавноста како заевизам“, истакна меѓу другото во средата Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека актуелната власт одбива консензус за најважното прашање коешто во моментов ја засега Македонија откако неговата партија понуди и зајакнување на аргументите во преговорите со источниот сосед.

„Одбивањето само говори тоа дека на повидок е многу поопширно решение од само промена на Уставот во која што требало да биде вклучено бугарското малцинство во Македонија. Поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет. Што би значело газење по македонскиот идентитет. Такво идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, ниту сега, ниту во иднина, но во исто време сакам да се знае дека потребна е широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, нивна мобилизација и гласност на секој поединец за да не се дозволи решение со кое подоцна треба да се живее“.

И додека власта без никаков проблем прави отстапки во духот на добрососедските односи, воопшто не размислува за реципроцитет од бугарска страна, односно Бугарија да го признае македонското малцинство во таа земја. Засега е нејасно како власта ќе го реализира она што ѝ го ветила на Бугарија, со оглед на тоа дека за промена на македонскиот Устав е потребно двотретинско мнозинство, кое го нема во парламентот.