![Sokolov-640x307](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/09/Sokolov-640x307.jpg?resize=640%2C307&ssl=1)
Кандидатот за градоначалник на општина Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Соколов најави во средата дека Делчево ќе биде водечка општина во регионот, со висок квалитет на живот, како и општина која ги соединува локалните и традиционалните вредности, каде поединецот и неговата творечка моќе ќе обезбеди одржлив развој.
„Општина Делчево како атрактивна бизнис дестинација со ефикасна администрација и развиена инфраструктура ќе обезбеди високо квалитетни услуги за граѓаните и бизнис заедницата. Јас и мојот тим издвоивме пет стратешки цели и дефинираше сет на активности неопходни за остварување на поставените цели: Поттикнување на развој на бизнисот и креирање на нови работни места, Делчево – атрактивна туристичка дестинација, подобрување на руралниот развој, подобрување на постоечката и развој на нова инфраструктура во Општина Делчево, подобрување на квалитетот на образованието и усогласување со потребите на пазарот на труд на Општина Делчево“, истакна Соколов.
Тој презентираше дел од проектите кои се предвидени во неговата предизборна програма.
„Изградба на скијалиште на планината Голак, изградба на нова филтер станица за вода за пиење на Брана ’Лошана’, основање на нова развојна зона во близина на Милково брдо во Делчево и ТИРЗ-Делчево, изградба на нов современ градски пазар по пат на Јавно приватно партнерство, изградба на прочистителна станица за отпадни води на градот Делчево, изградба на голем број на улици во Делчево и руралните населени места, проширување и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа“, посочи Соколов.
Рече дека како еден од проектите предивдени во програмата е и подобрување и зголемување на услугите во комуналната сфера, преку набавка на нов возен парк и модернизација на јавното комунално претпријатие.
„Изградба на неколку мултинаменски спортски терени со приоритет на руралните средини и населбите каде што такви не се изградени. Обезбедување на локации за градба на индивидуални објекти за домување. Подобрување на капацитетите за туризам. Зголемување на понудата во делот на културни настани и манифестации. Заштита на природата преку заштита на значајни подрачја и објекти на природата во нашата општина, превенција од елементарни непогоди, создавање на обучени тимови за заштита од елементарни непогоди и нивно опремување. Продолжување на проекти поврзани со квалитот на образованието преку создавање на подобри услови за учениците од Делчево и отварање на уште повеќе на можности преку реконструкција на училиштата, набавка на нај современа опрема за училиштата и обезбедување и зголемување на стипендиите, размена на учениици преку образовните програми кои се на располагање од земји во Европа како и продолжување на трендот на наградување на најдобрите во образованието“, рече Соколов.
Според него, граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го реализира ветеното.
„Преку напорна работа, многу труд и посветеност ќе ја претвориме нашата визија и цел за Делчево во реалност. Секогаш работа, Секогаш Делчево. Секогаш Македонија е нашето мото. Работата е нашата одлика, работа за доброто на граѓаните. Одиме напред кон нови победи и успеси за напредно и просперитетно Делчево, со повеќе работни места и подобри услови за живот“, потенцираше Соколов.