Солскјер: Го подготвувам Манчестер Јунајтед и за следната сезона

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер даде традиционалната пресконференција пред средбата со Барнли од 24-тиот круг на Премиер лигата. „Црвените Ѓаволи“ се во серија од осум последователни победи под водство на Норвежанецот и секако ќе се обидат да продолжат со оваа серија. Од своја страна Барнли е едвај на 16-то место на табелата, но немаат пораз во последните четири средби во Премиер лигата, откако запишаа три победи и едно реми.

– Знаеме дека ќе се соочиме со тим кој излегува во секој натпревар за трите бода. Тие ќе ни создадат различни проблеми, на пример нивното физичко присуство и тоа дека излегуваат со двајца играчи на врвот на нападот. Против Арсенал изгледаа добро во дефанзивен план, се бранат одлично пред шеснаесетникот, а тоа ќе бисе важно против Барнли, прокоментира накратко Солскјер за утрешниот противник.

Фокусот на прес-конференцијата беше исто така и на трансфер прозорецот, кој се затвора во средината на неделата.

– Мислам дека никој нема да си замине. Не сум многу вклучен во овој тип на преговори, но досега не направивме зделки. Има уште неколку дена и ќе видиме што ќе се случи, но засега сите остануваат. Сакам играчите да останат, Андреас Переира се справи брилијантно во тренинзите и сметам дека ќе земе учество во неколку натпревари до крајот на сезоната, изјави Норвежанецот.

Солскјер додаде и дека уште отсега ја планира следната сезона за Манчестер Јунајтед без разлика дали тој ќе биде на чело на тимот или не, а дел од работата е постепеното да вградува дел од младите таленти од резервите во првиот тим. Тој рече дека Мејсон Гринвуд, Таити Чонг и Итан Хамилтон можеби ќе бидат вмешани во некои натпревари кон крајот на сезоната.

– Јас сум тука за да го подготвам тимот и за следната сезона, безразлика дали ќе останам или не. Чекорот од тимот до 18 години и сениорскиот е доста тежок за младите играчи. Тие се доста нетрпеливи. Но понекогаш можеш да ги видиш Џеси Лингард и Маркус Рашфорд како се поврзуваат со Мејсон (Гринвуд), Чонги (Таити Чонг), што претставува вистинско задоволство, заврши менаџерот.