Сончево и топло, температурите во раст

Времето во Македонија во понеделник ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне особено во западните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град.

Минималната температура е во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 23 до 32 Целзиусови степени. УВ индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје и околината денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 27 степени.

Во следните денови ќе се задржи многу топло време со максимални температури над просекот за овој период од годината, а во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.