Сончево со температури до 42 степена, попладне можни поројни дождови и грмежи во дел од Македонија

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер, во јужните делови од јужен, а во северните делови од северен правец. Кон крајот на денот северниот ветер долж Повардарието ќе засилува и ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.

Максималната температура ќе биде во интервал од 35 до 42 степена. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност. Доцна попладне и кон крајот на денот ќе дува засилен северен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд и грмежи.

Максималната температура ќе достигне до 39 степени.

Подрачјето на нашата земја и во следните денови ќе се задржи под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури. Нестабилност на повеќе места се очекува в среда и четврток во попладневните часови.