СОНК ги обвинува судовите за селективност

 

Во тек се повеќе од 120 тужби на просветни работници по основ на трансформација на работен однос од определено на неопределено време, информираа во петокот на прес конференција претставниците на Синдикатот за образование, наука и култура.

Посочија дека поради изборниот законик, во изборна година не може да има нови вработувања и со тоа комисиите во 2017 година не одлучувале за оние кои поднеле барања за трансформацијана нивниот работен однос. Овој правен вакуум бил причина за бројот на тужбите секојдневно да расте, посочуваат од СОНК. Правниот застапник на СОНК, адвокатот Ванчо Шехтански ги обвинува судовите за селективност при носењето одлуки за овие тужби по ист основ.

Од СОНК велат дека за настаната состојба ќе го запознаат и народниот правобранител. Со спогодбата за трансформација на работниот однос од 2009-та година помеѓу СОНК и ресорните министерства, до март 2017-та година се направени 8000 трансформации на работен однос од определено на неопределено време.