Посебен сообраќаен режим поради натпреварот Македонија – Украина

Попладнево во центарот на Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради меѓународниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Република Македонија и Украина.

Натпреварот ќе се одигра во Националната арена „Филип Втори Македонски“ денеска со почеток во 20 часот и 45 минути во рамки на квалификациите за ЕП во фудбал, а поради тоа што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот.

Како што информира СВР Скопје од 17 часот ќе биде затворен дел од ул. „Аминта Трети“ и тоа на потегот на крстосницата со ул. „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ па се до фудбалскиот стадион, при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници.

Во попладневните часови ќе се преземаат и мерки за расчистување и дислоцирање на затекнатите возила на сообраќајниците и паркинг-просторите околу стадионот. Во периодот по 19 часот во зависност од потребите, моменталните состојби и интензитетот на сообраќајот ќе се ограничи приодот на возилата уште од бул. „Илинден“, односно кон стадионот ќе се пропуштаат возила со посебни пропусници, односно селективното пропуштање ќе биде на крстосниците на бул. „Илинден“.

Во оваа прилика од сообраќајната полиција апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а доколку дојдат на натпреварот со возило за паркирање да ги користат околните дозволени паркинг-простори.

Во сабота со почеток во 17 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на Купот на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и Рајн Некар Левен, од Германија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.