Сопственикот на Наполи го распродава тимот

Претседателот на ФК Наполи, Аурелио де Лаурентис (во центарот)

Претседателот на италијанскиот фудбалски великан Наполи, Аурелио де Лаурентис, порача дека лесно би можело да се случи да ја продаде целата екипа, по кавгата со играчите и тренерот Карло Анчелоти.

Судирот меѓу претседателот, од една, и играчите и тренерот, од другата страна, се случи по натпреварот во Лигата на шампионите против РБ Салцбург која заврши 1:1. Де Лаурентис побара од играчите по овој натпревар да одат во карантин за на мир да се подготвуваат за мечот со Џенова, но играчите заминаа дома, а Анчелоти им даде поддршка.

Претседателот на Наполи беше излуден по сознанието дека играчите не ја послушале неговата наредба, а откако против Џенова, која се бори за опстанок одиграа само 0:0, порача дека ќе ги продаде сите играчи.

Судирот меѓу соблекувалната и управата на клубот се пресели и на трибинтие, а повеќе од 20.000 навивачи со исвиркување и транспаренти им порачаа на играчите дека на тој начин не се бори за боите на клубот.

Италијанските медиуми пишуваат дека во јануари де Лаурентис ќе направи „чистка“ и оти ќе го продава водачот на бунтот. Се нагаѓа дека веќе се отпишани Дрис Мертенс, Хозе Каљехон, Калиду Кулибали, Лоренцо Инсиње, Елсеид Хисај и Фаузи Ѓулам. На излезната врата е и Анчелоти, бидејќи застана на страната на играчите, но и поради лошите резултати кои ги бележи оваа сезона.

Италијанскиот вицешампион моментално е на седмото место во Серија А со 19 бодови, дури 13 помалку од водечкиот Јувентус. Во италијанските медиуми се пишува дека Мертенс веќе се договорил со Интере, а Каљехон би можел да се пресели во Кина.

Аурелио де Лаурентис, славен филмски продуцент, во моментов се наоѓа во Лос Анџелес поради други обврски, па вистинската бура се очекува по неговото враќање во Неапол.