
Компанијата „Inditex“, која меѓу другото е сопственик на синџирот продавници за облека „Zara“, постигна договор за зголемување на платите во своите шпански продавници во просек за 20 отсто, објавија во четвртокот вечерта двата најголеми шпански синдикати.
Зголемувањето на платите достигнува и до 40 отсто во областите на Шпанија каде платите беа најниски, се вели во соопштението на синдикатот UGT.
Зголемувањето значи дека минималната месечна плата во „Inditex“ во Шпанија ќе биде 1.500 евра за продавачите и минимум 2.041 евро за работниците во продавниците со повисоки одговорности, се вели во посебната изјава на синдикатот CCOO.
Синдикатите соопштија и дека „Inditex“ се согласил да го прилагоди растот на платите на инфлацијата во следните три години, со чиј силен раст се соочува и Шпанија.
Од „Inditex“ не одговори веднаш на барањето на агенцијата Reuters за коментар.
Откако работниците во продавниците во градот Ла Коруња, каде што е седиштето на „Inditex“, добија зголемување на платите за 25 отсто во декември, синдикатите CCOO и UGT, кои претставуваат повеќе од половина од работната сила во продавниците на „Zara“ во Шпанија, преговараа со водството на „Inditex“ за зголемување на платите и бенефициите за трговците кои работат за компанијата низ цела Шпанија.
Во ноември „Inditex“ се договори со UGT и CCOO да исплати еднократен бонус од 1.000 евра во февруари на сите продавачи со полно работно време вработени ширум Шпанија, и сега се согласи да го плати истиот бонус следната година.
„Inditex“ вработува околу 165.000 работници во 177 земји во светот, од кои околу една третина во Шпанија. Околу 86 отсто од работниците работат во 6.477 продавници, а повеќето од нив се жени. Меѓу другите брендови „Inditex“ ги поседува и „Massimo Dutti“, „Pull&Bear“ и „Bershka“.